Критички осврти за поезијата на Александар С. Трајковски

Александар С. трајковски е поет кој обележува една деценија од развитокот на македонската поезија. Станува збор за деценија во која се конституираат системските начела и конвенции на новата македонска книжевност. Александар Саша Трајковски е роден во Битола, современ македонски поет, преведувач и толкувач, редовен член и дел од Македонското научно друштво – Битола. Завршил основно училиште во ОУ „Гоце Делчев“ и средно училиште во гимназијата „Јосип Броз Тито“, а студиите по медицина ги завршил на Универзитетот по медицина и фармација „Карол Давила” во Букурешт, Романија. По професија е дипломиран лекар како нашиот Анте Поповски- раскажува поетот и негов сограѓанин Илија Мерковски. Белегот што го втиснува лириката на Трајковски врз нежното ткиво на македонската лирика од дваесетиорвиот век е длабок и неизбришив. Неговата продорност е голема и продолжителна. Би се рекло трајна! Пред да се по-каже кој дел од лирскиот опус на Трајковски останува највпечатливо врежан во новата македонска книжевност, би требало да се направи една поглобална проекција на тој опус, при што ќе се сумираат и ќе се сублимираат досегашните согледби за неговата внатрешна еволуција, за неговите преобразби и за неговата диференцијација на неколку посебни, специфично обележани поетички модели. Поетесата Соња Змејкоска Илијовска беше меѓу првите, кои дадоа критички осврти за неговата поезија, конкретно за неговата Хаику поезија, по повод збирката на Трајковски Балканско Хаику – Харикири, укажува дека постои „разделна линија“ во поетскиот опус на Трајковски пред и по 2022-та година. Таа разделна или пресвртна линија ја прави детската збирка поезија “Кратки поеми за најмладите боеми” и особено првата поезијата за возрасни ,,Лирски елегии. Од носител на патриотско-социјални и детски мотиви, Трајковски станува носител на интимни мотиви. Поетскиот развој е релјефен и повеќенасочен, а не прост и едноставен. Неговата книга Балканско Хаику – Харикири преставува збир од кратки поетски форми, односно хаику поезија, каде што хаику мајсторот го обработува балканскиот самоубиствен менталитет на народот, па токму затоа во насловот е содржан и зборот „харикири“, кој на јапонски значи достоинствено самоубиство за кое што се користи посебен вид на меч наречен катана. „Ова е краток, но доста интересен ракопис, каде што поетот ,боцка’ директно во сржта на балканската, македонската психолошка наезда.

Од само едно кратко ѕирнување помеѓу кориците на оваа книга, ни станува јасно каде и како живееме, какви се навиките на народот на ова поднебје, како и длабоката психолошка нарав кон самопропаст, но и наштетувајќи му и издавајќи го најблискиот.“ — ќе напише поетесата Соња Змејкоска Илијовска Како почетник, Трајковски примал импулси од поезијата со којашто доаѓал во допир, и во таа комуникација учел и слушал гласови на другите поети од минатото и сегашноста. Кога ги пишувал своите први песни, впрочем, тој бил автор на неполни петнаесет години. Во последната збирка ,,Анатомија на поезијата” се забележува носталгија на поетот по сопственото поетско минато или живот. Невидливата рака на зборот како да ги погалила претходно напишаните поетски книги и ја собрала нивната фина блескотна прашина, како да го впила нивниот редок мирис, нивниот здив, нивната силуета и како да ги одразила сите тие траги на анамнестичкиот и заветен потег на поетот. Трајковски во оваа последна збирка не трага по нови изразни можности и радикални пресврти. Ваквиот пристап овозможува да се обноват некои претходно пројавени тенденции во неговата поезија: изразно-емотивната, прикажувачко-референцијалната и естетската. Поинаква меланхолија и тага, поинаква сентименталност и свртеност кон себе, но сепак, во основа доминираат ваквите состојби на душата и духот во поетските форми. Поетската граматика како да подзастанува и се свртува назад, а не напред. Само во една збирка порано, во ,, Поеми од Балканот” здивот е побрз, поетизацискиот стремеж посвеж, ритмофилен, хомофоничноста повпечатлива, симболот посетилен. Болното тело ја негува опсесивната обземеност од себе, а магичниот збор-дух го потсетува на прапочетоците. Во поезијата на Трајковски важно структурно-семиотичко место заземаат и други стилски и конструктивни постапки и симболи. Такви се на пр. стилските повторувања на паралелизми, стихотворните постапки, римата како засебен феномен, циклусната, метафоричноста, односно симболите: стебло, ветар, тишина, тело, жена, тврдина, камен, коњ… Во овој предговор не беше возможно сите тие детално да бидат прикажани и протолкувани. Се задржавме само на оние кои се веќе примени и интерпретирани во книжевната критика, а кои се чинат неизбежни и карактеристични за претставување на специфичните одлики на поезијата на Трајковски во едно јубилејно издание на неговата поезија – завршува Мерковски.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Деновиве од печат излезе книгата „Гастон Гамлиел” на авторот Александар Стеванов од Штип. Се работи …