Костадиновска-Стојчевска: Новиот европски проект е можност за културна соработка за уметниците и креативците од Западен Балкан

Во Кинотеката на Северна Македонија денеска беше промовиран новиот проект „Култура и креативност за Западен Балкан”, финансиран од Европската Унија, а имплементиран од УНЕСКО, Британскиот совет и Италијанската агенција за развојна соработка.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање ја поздрави препознаената вредност на културата во земјите од Западен Балкан и изрази уверување дека со овој повик до уметниците и до културните работници, меѓукултурниот дијалог добива огромна шанса и свои пет минути.


„Кога на земјите од Западен Балкан им отворате прозорец за културна соработка, им помагате во надминување на бариерите за регионално поврзување и во градењето на капацитет за меѓусебна соработка, вие ширум ја отворате и вратата за големиот потенцијал на културата и на креативните луѓе од овој дел на Европа”, подвлече Костадиновска-Стојчевска.

Во тој контекст, министерката за култура потенцираше дека проектите од над еден милион евра се сериозна поддршка и поттик за културните работници и за уметниците од Западен Балкан во процесот на проширување на Европската Унија.


This image has an empty alt attribute; its file name is promocija-na-evropski-proekt-vo-Kinoteka-2.jpg

„Убедена сум, додаде таа, дека тие со својата умешност и креативност можат да ги придобијат и најголемите скептици кон проширувањето.”


Претставниците од проектот, чија цел е поттикнување на меѓукултурниот дијалог во Западен Балкан преку зацврстување на културните и креативните сектори, во неколку отворени информативни сесии ги презентираа деталите и критериумите за аплицирањето на двата отворени повика: за доставување предлози од организации и институции и за изразување интерес на поединци заинтересирани да придонесат кон зацврстување на културниот и креативниот сектор и хармонизација нa Западен Балкан.

Министерката Костадиновска-Стојчевска, поканувајќи ги сите заинтересирани да аплицираат на повиците, потенцираше дека Министерството за култура им стои на располагање и како партнер во овој проект и како помош при аплицирањето.

„Затоа, ги повикувам институциите, установите, приватниот сектор и граѓанските организации во културата, уметниците, медиумските професионалци и културни оператори, сите креативци да се мобилизираат и да се одзват на овој повик, да аплицираат и заедно, со помош на нашите докажани пријатели, да го дадеме и да го размениме најдоброто за и во културата”, порача Костадиновска-Стојчевска.

Аплицирањето во рамките на проектот „Култура и креативност за Западен Балкан” за физички лица е најдоцна до 15 март, а за организации и институции најдоцна до 31 март 2023 година.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на детскиот филм „Луси гангстерката“

Денес, со почеток во 16:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево премиерно …