„Како ќе живееме заедно?“ – 17-та меѓународна изложба на архитектура 2021 во Венеција

17-тата меѓународна изложба на архитектурата оваа година ќе биде претставена од 22 мај до 21 ноември, нејзинкуратор е архитектот со либанско потекло, Хашим Саркис. Хашим Саркис е декан на Факултетот за архитектура и планирање на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) од 2015 година. Дипломирал архитектура и ликовни уметности на Факултетот за дизајн на Островот Рода и докторирал философија на Универзитетот Харвард. Тој е автор и уредник на повеќе книги и статии за историјата и теоријата на модерната архитектура.


Со 61 национално учество, Меѓународната изложба на архитектура под наслов „Како ќе живеемезаедно?” организирана од Ла Биенале ди Венеција/Венециско биенале ќе биде изложена во Џардини, Арсенале и Форте Маргера. Инаугуративната церемонија ќе се одржи на 22 мај 2021 година (сабота).

Биеналето оваа година вклучува 112 учесници од 46 земји, со делегации од Африка, Латинска Америка и Азија и со широко женско претставување. Ова издание исто така вклучува низа учества надвор од конкуренцијата:истражувања со релативни студии на случаи развиени од истражувачи од универзитети ширум светот (Архитектонска асоцијација, Американски универзитет во Бејрут, Бартлет, Универзитет Колумбија, Купер Унија, ЕТХ Цирих, Етиописки институт за архитектура, Венецијанската лабораторија, конзорциум на истражувачки групи на МИТ); специјалното учество на израелскиот уметник Михал Ровнерво, Олафур Елиасон, Себастијан Бехман и Џузепе Пеноне.


Темата зададена од ХАШИМ САРКИС, куратор на 17-тата меѓународна изложба на архитектура носи наслов „КАКО ЌЕ ЖИВЕЕМЕ ЗАЕДНО?”и според него, се фокусира на следните појдовни точки за истражување и размислување:

 


Потребен ни е нов просторен договор. Во контекст на проширување на политичките поделби и растечките економски нееднаквости, ги повикуваме архитектите да замислат простори во кои великодушно можеме да живееме заедно:

· Заедно како човечки суштества кои, и покрај зголемената индивидуалност, копнеат да се поврзат едни со други и со други видови низ дигиталниот и реалниот простор;

· Заедно како нови домаќинства кои бараат поразновидни и достоинствени простори за населување;

· Заедно како нови заедници кои бараат правичност, вклученост и просторен идентитет;

· Заедно преку политичките граници да замислат нови географии на здружување;

· Заедно како планета која се соочува со кризи кои бараат глобално дејствување за сите нас да продолжиме да живееме воопшто.

Претставувањето на Република Северна Македонија на 17-тото Биенале на архитектура во Венеција ќе биде со проектот „Сега” на бирото за проектирање БИНА [биро за инвентивна архитектура]. Проектот/изложба е на група архитекти предводени од Бекир Адеми, куратор на изложбата, ко-куратор е Јордан Шишовски, комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија, додека покровител на изложбата е Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Конструкција, материјализација и дизајн: Бекир Адеми / БИНА, логистика: Енис Абовски, Амине Адеми, Атанас Наумовски, аудио инсталација: Владимир Лукаш, текст: Ана Рафаиловска, Јордан Шишовски, Бекир Адеми, графика: Ивана Чалоска, Енес Север. Учесници: Бекир Адеми, Ана Рафаиловска, Ивана Чалоска, Јордан Шишовски, Енис, Абовски, Енес Север, Амине Адеми, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Аида Салиху, Дрен Невзати, Елмедина Хасани, Нита Чаволи.

Свеченото отворање на македонскиот павиљон е закажано на 20 мај со почеток во 10.00 часот, во дворот на “Palazzo Zorzi” – седиштето на UNESCO во Венеција.

Само колку за потсетување, нашата земја во континуитет веќе 9ти пат се претставува на оваа најпрестижна манифестација, од 2004 година навака. На првото учество во 2004 година се претставивме со проектот „Метаморфоза: од хипер тело до инверзна перспектива”, а потоа следуваа: „Град на можни светови” (2006, кога стручното жири му додели Специјално признание на македонскиот павилјон); „Метамак отсечоци” (2008); „Учење архитектура” (2010) и „Архитектура во огледало: секојдневно и возвишено” (2012). Во 2006 година куратори на проектот беа Минас Бакалчев и Митко Хаџи-Пуља.

Проектот „СЕГА” е симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сето ова концептуално открива два аспекти на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината.

Инсталацијата на првото доживување е интровертна и питома, потоа прераснува во една широка купола, каде интеракцијата и пресекот помеѓу архепитизирана рамка-куќа со подвижна сфера суштински ја генерираат формата, создавајќи чувство на споделена хармонија и стабилност на посетителите. Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи сите со различни димензии меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура.

Намерата да се генерира прецизна микроструктура со динамична порозност, а со тоа и да се промовираат универзалните вредности произлезени од целиот процес на развивање на концептот доведе до големо искушение и ризик околу реалната реализација на инсталацијата со што дополнително се зголеми предизвикот и желбата за достоинствен одвогор на зададената тема. Наравоучението од овој процес несомнено беше надминувањето на инженерските навики кои би резултирале со отварање на нови хоризонти во инжинерството и архитектонското замислено.

По ланското одложување на 17-тото издание на Фестивалот на архитектура, една година потоа во процес на креирање на нова реалност, во услови на изолација и дистанца, излегување од локалното опкружување, надвор од границите, претставува голем исчекор напред, и обид за враќање назад во нормални текови...

Порозноста на структурата преку микро и макро релациите е повторно момент на дуалитет – истовремено нуди приватност и заштита, но и отвореност и вклученост во социјалните процеси, и е можност за изолација, а самиот простор од една страна е простор за истражување, но од друга страна и простор на сигурност.

Поврзаноста со Лавиринтот на Дедал и Платоновата пештера се симболични референци на поимот лавиринт и пештера низ историјата на уметноста, социологијата, психологијата од антички времиња навака и ја симболизира внатрешната потрага низ сопствените лавиринти. Таа потрага се случува во непознатите рамки на одреден дефиниран простор, кој нуди повеќе правци или нивоа на приказни.

Проектот „Сега” ја рефлектира идејата за заедно или заедништво преку вечното единството на  дуалитети, што е веднаш воочливо во односот на микро и макро структурата, а во себе инкорпорира повеќе различни толкувања на односите внатре-надвор, приватно-јавно, отворено-затворено, дом-општество, поаѓајќи од индивудуата како основна клетка во колективитетот.

Флуктуацијата на општествените чинители чија аспирација е заеднички живот, надминувајќи кохабитациски разлики без да ja дезинтегрираат индивидуалнaта сфера, е вистински предизвик .Живееме во времиња кога се наложуваат нови научни парадигми кои што брзо ги надминуваат старите и опстанокот на планетата најмногу ќе зависи од моќта да се мобилизираат во креативни реазултати сите потенцијали на здруженото човештво. Имагнацијата на уметноста отвора за тоа неслутени можности.

Проектот ,,СЕГА”, претставува чудесен одговор, во потрагата по вечниот одговор на синтагмата ,,живот и дом”. Ако се појде од идејата дека планетата е всушност проширениот човеков дом, тогаш може да се најде и вистинското разбирање за визијата и вредноста на проектот, неговата хармонична полнота и доследност.

Инсталацијата на проектот ,,Сега”, со кој годинава  Република Северна Македонија достоинствето се претставува на Биеналето во Венеција, петставува видлив исчекор, вредност од универзален карактер,чудесна синтеза помеѓу реалноста на архитектурата и предизците на уметноста.

                                                                                                Дита Старова Ќерими, комесар 

На прес конференцијата, д-р Ирена Стефоска, министер за култура, ја поздрави екипата на бирото за проектирање БИНА, избраниот претставник на Република Северна Македонија на 17-тото Биенале на архитектура во Венеција во 2021 г. Им посака добар пат и изрази жалење дека нема да биде присутна на отоварњето на павиљонот закажано на 20 мај во дворот на “Palazzo Zorzi” – седиштето на Генералното собрание на UNESCO во Венеција. Исто така упати охрабрувачка порака до учесниците, напоменувајки дека нашите проекти и нашата работа не е непозната на светската јавност, напротив, на македонскиот павиљон во 2006 беше доделено Специјално признание од страна на стручното жири. Изјави дека очекува најмалку уште едно Специјално признание или награда. Им посака голема посетеност, успешна работа и достојно претставување на Република Северна Македонија во Венеција.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на детскиот филм „Луси гангстерката“

Денес, со почеток во 16:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево премиерно …