Изложба на фото групата „Чкрап!“ – „Фотографии 2023“

Фото групата „Чкрап!“ од Тетово годинава по дваесетти пат се претставува со изложба на фотографии – ФОТОГРАФИИ 2023. Околу 50-тина фотографии од 19 фотографи ќе бидат изложени на отворањето денес во 20:00 часот во НУ Музеј на тетовскиот крај (Дом на АРМ) во Тетово.

Кога пред 20 години, кон крајот на 2003 година, ние од „Чкрап!“, се впуштивме во авантурата наречена фотографија ни на крај памет не ни беше дека возбудата ќе не држи толку долго, цели дваесет години (а таа трае и понатаму). 20 години се две третини од постоењето на Македонија како самостојна држава. 20 години е една десеттина од постоење на фотографијата од нејзиното постоење до денес. 20 години „Чкрап!“ е убава бројка.


Фотографијата е глобален феномен. Во светот дневно се снимаат и дистрибуираат милиони фотографии. Денес секој е фотограф благодарение на паметните телефони опремени со одлични камери. Од нив сигурно има неколку стотици илјади фотографи кои посериозно се занимаваат со фотографија.

И, во целиот тој глобален феномен – фотографијата, Фото групата „Чкрап!“ од Тетово го бара своето место под сонцето, а нашиот континуитет во работата (покрај самостојните успеси и добиени признанија на многу членови на „Чкрап!“), олицетворен преку 20 годишни изложби на фотографии до сега, е потфат достоен за почит.


Годинава „Чкрап!“ на верната публика од Тетово (и пошироко) и нуди нова изложба на фотографии. „Селекцијата“ на „Чкрап!“ годинава ја сочинуваат: Драги, Зоран, Самир, Давор, Сандра, Сашко, Петар, Ана, Ацо, Андриана, Наташа, Ангел, Димитар, Евангелија, Александар, Мирјана, Аце, како и Борче и Гоце (постхумно). Изложбата содржи 50 фотографии од најновата продукција на „чкраповци“.

Фото групата „Чкрап!“ е многу необична појава за наши прилики. Друштво на пријатели и пријателки – фотограф(к)и, кои си го тераат својот филм, за своја сметка. Во „Чкрап!“ членуваат фотограф(к)и од Тетово, од други градови од Македонија како и неколкумина од САД, Чешка, Германија, Холандија и други земји. „Чкрап!“ никогаш не бил милениче на градот или на државата. За овие 20 години нема добиено никакав финансиска поддршка, ниту пак бил во план за некаква си (градска, државна) награда за сето она што го направи и сеуште го прави за фотографијата во Тетово и Македонија.


Но, нам во „Чкрап!“ тоа не ни е важно. Ние, еве, веќе 20 години правиме фотографии и изложби, се дружиме, растеме и старееме заедно, членуваме во Фото сојузот на Македонија, соработуваме со Македонскиот центар за фотографија и други видни луѓе од областа на културата, најмалку еднаш годишно на тетовчани им подаруваме изложба на фотографии, а сето тоа опуштено, без притисок (затоа од вкупно 81 член на „Чкрап!“ учеството секогаш варира од година до година – од 10 до 25 фотографи по изложба). Така беше овие 20 години, а се надеваме дека така ќе биде и следните 20!

Имам уште многу да ви кажувам, но тука ќе застанам. Сигурен сум дека одвај чекате да прошетате низ изложбата ФОТОГРАФИИ 2023 во организација на Фото група „Чкрап!“ од Тетово. Уживајте… се вели во објавата на Драги Неделчевски.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Хороскоп за утре за сите хороскопски знаци: Што нè советуваат ѕвездите за утре, 22.05.2024 година, во врска со работата, љубовта и здравјето

Овен Работа: На Овенот му претстои успешен и активен ден, без разлика дали се работи …