Интервју со Red18: Секој наш настап е сонично раскажана приказна, со публиката следно се гледаме на Андерфест фестивал на 13 октомври во МКЦ

Red18 се одличен млад бенд составен од Елена Манева (вокал), Јован Чифлигароски (гитара), Илија Лалковски (гитара), Александар Коцевски (бас гитара) и Иван Димишков (тапани). Имаат издадено еден албум и имаа настапи на сите поголеми фестивали кај нас. Нареден настап е на Андерфест фестивалот на 13 октомври во МКЦ. Прочитајте што имаат да кажат

Имате „историја“ со Андерфест фестивалот. Може да се каже дека “Red18” неофицијално се формиравте на третото издание на фестивалот во 2021 година каде настапивте под името “Decoy” како трибјут на Paramore, а сега ќе настапувате на јубилејното петто издание на фестивалот.


– Делумно точно. “Decoy” беше проект којшто постоеше 2 месеци пред третото издание на “Underfest”, така што тоа ни беше првиот настап. Потоа од проектот наречен ‘’Decoy” се роди идејата за Red18.


Имате интересно име. Зошто Red18 и кој од членовите го смисли името на бендот?

– Red18 затоа што секој ќе има различно мислење за што е значењето на името, ние имаме свое. Нашиот гитарист Јован беше ‘’кумот“.


Во септември 2022 година го објавивте првиот сингл од вашиот деби албум насловен „Kingdom of Lies“. Одлична песна и одличен анимиран спот. Бидејќи ова беше ваш прв сингл, како сте задоволни од тоа како беше прифатена песната и спотот?

– ‘’Kingdom of Lies’’ дефинитивно беше најслушана и најгледана песна и спот од албумот, многу задоволни.

Следуваа „Hot Roadie Dog“ како и „Portal to Pavements“. И двата сингла беа проследени со спот. Како си поминавте на снимањето на овие спотови?

– Видеото за ‘’Hot Roadie Dog” го снимивме на островот ‘’Скијатос“ во Грција додека бевме на одмор. Целиот тој склоп на вибрации и бои на Егејското Море се слеа во видеото, иако беше снимано со обичен телефон ние сме презадоволни од финалниот продукт, а за поминот секако дека беше магично. Видеото за ‘’Portal To Pavements” го сними нашата драга пријателка Леона Јариќ, а едитот е на Емилија Лазаревска. Тоа видео е од ‘’перформанс тип’’ и е снимано на повеќе локации низ Скопје. Со таква екипа не е возможно да не си поминеш фантастично.

Во меѓувреме го издадовте и вашиот прв албум „Red18’s Grit“. Го снимавте во студиото „1060“. Како си поминавте на снимањето и како сте задоволни од тоа како албумот е прифатен од публиката.

– Снимањето со Дени е повеќе забава отколку снимање, во ‘’1060” се чувствуваме опуштено и спремно да ја стимулираме нашата креативност до крајности, без граници. Албумот беше и е прифатен како што очекувавме. Сепак е деби албум и постоиме само една година и најважно ни е да твориме додека не се пронајдеме кои и што сме ние.

Како би ја оцениле моменталната алтернативна сцена?

– Oва е прашање на кое што секој член треба индивидуално да одговори. Можеби во некоја друга прилика.

2023 година беше доста интересна за вас. Имавте настапи на Земјотрес, Д фестивал, а бевте и гости на концертот на 21 Век. Дали може да ни кажете нешто повеќе за овие настапи?

– Сите настапи подеднакво ги ‘’третираме“. Без разлика дали се работи за фестивал од светски размер или само свирка во клуб, секој наш настап е сонично раскажана приказна која продолжува да звучи на бината до безкрај откако ќе заминеме.

Што може да очекува публиката следно од вас во однос на перформанс и дали можеби спремате нов материјал?

– Сè  што можеме да кажеме моментално е дека аудиото за нашата прва песна на македонски јазик е спремна. Исто така е снимена во ‘’Студио 1060“ кај Дени Крстев, видеото е снимено од Божидар Стефановски, а ќе биде едитирано од Томи Анакиевски. Оваа песна за нас е од особено значење и сме посебно возбудени да ви ја претставиме. Имаме уште многу други вести но секако, се во свое време.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денеска се празнува Светата великомаченичка Ирина

Светата великомаченичка Ирина Живееше во апостолските времиња на Балканот во некој град Магедон, каде што …