ЕКОТИП најавува враќање на автентичната македонска музика: Концерт на Мизар на 12 мај во Македонската Филхармонија

Македонската компанија ЕКОТИП, во соработка со ЧУВ-ДЕ-ЧУВ, ве покануваат на уникатен музички настан – концерт на култниот „Мизар“ и хорот „Хармосини“, што ќе се одржи на 12 мај во Македонската Филхармонија, со почеток во 20:00 часот.

Концертот на „Мизар“ е сѐ само не обичен музички настан, тоа е оживување на емоција чија музика и порака те будат како стрелба од длабок сон кој одекнува како глас меѓу најпрефинетите познавачи на музика во поширокиот регион, велат организаторите на концертот.


“Мизар не е само музика. Мизар е повеќе од еден обичен рок-бенд. Мизар е борба, пркос. Мизар е еден од бедемите на македонската музика, култура и национален идентитет”, порача Зоран Митровиќ од „Чув-Де-Чув“ – организатор на настанот.

„ЕКОТИП, во своето 26-годишно постоење, секогаш ги поддржувал иновациите, одржливиот развој но и вистинските и трајни вредности. Главен мотив за иницирање и поддршка на овој, за многумина долгоочекуван настан, е нашата мисија за негување и промоција на културата како ‘ѕвезда водилка’ и двигател на алтернативните начини на размислување, креативност и севкупното воздигнување”, изјави основачот и сопственик на ЕКОТИП, Илија Андреевски.


На прес-конференцијата одржана во Концепт просторијата на ЕКОТИП, на новинарските прашања одговараа фронтменот на „Мизар“ Горазд Чаповски, како и Илија Стојановски, Дени Омерагиќ и претставникот на хорот „Хармосини“ – професорот Ристо Солунчев.

Горазд Чаповски најави незаборавна вечер исполнета со добра музика, одлична атмосфера и моменти за историја, спектакл со 17 врвни македонски музичари-инструменталисти, составени во концепт кој во Македонија се изведува за прв пат. Членовите на „Мизар“ и хорот „Хармосини“, придружувани од класично-гудачка секција и група на free јazz музичари, со аранжерот и диригент Дени Омерагиќ, во прекрасна симбиоза ќе ги исполнат безвременските: 1762, Амфилохиј, Сина соба, Дождот, Глас, Почесна стрелба, Константинопол, Бело море, Градот е нем, Ходен Же, Златно сонце, Галеб… и ред други песни.


Билетите за концертот се во продажба на https://ticketx.mk/ или преку контакт на телефонот 078/520 552. Со нетрпение очекуваме да споделиме една убава енергија со публиката и да бидеме дел од незаборавен настан. Ве очекуваме во добро расположение.

Повеќе информации за ЕКОТИП се достапни на: ecotip.com.mk

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Објавена книга посветена на битолскиот уметник Гастон Гамлиел

Деновиве од печат излезе книгата „Гастон Гамлиел” на авторот Александар Стеванов од Штип. Се работи …