Дино Имери одржа фантастичен концерт во Загреб!

Синоќа (19 ноември), македонскиот пијанист Дино Имери одржа фантастичен солистички концерт во Загреб, Хрватска, во прекрасното здание на Државниот архив. Пред многубројната публика, Имери се претстави со изведба на романтичните и импресивни дела: „Ноктурно“ од Мануел Де Фаља, „Песни и танци“ бр. 1 и бр. 3 и „Млади девојки во градината“ од суитата „Сцени од детството“ од Фредерик Момпу, „Благородни и сентиментални валцери“ и „Alborada del gracioso“ од Морис Равел и „Кармен“ варијации од Ж. Бизе/В. Хоровиц.

Она што посебно интригираше во врска со овој настан, е што македонскиот пијанист свиреше на историскиот инструмент „Плејел“ од 1911 година, кој бил во сопственост на Светислав Станчич – таткото на хрватската пијанистичка педагогија и славен пијанист, кому специјално му го испорачале од Париз. Во внатрешноста на инструментот, има и автограм на Имери, што на целиот настан му даде посебна убавина.


„Ова е мое четврто рецитално гостување во Загреб – град во кој често се слушаат изведбите на светските имиња на пијанизмот, но и центар на една многу сериозна пијанистичка школа. Сум настапувал во различни стадиуми од мојата кариера, од студентските денови па се до оваа зрела фаза и за сите тие посети можам да кажам дека секогаш чувствувам неверојатна топлина, љубов и вистинска предаденост од страна на верната публика која одново се враќа на моите концерти“, вели Дино Имери, по синоќешното концертирање кое имаше извонреден одзив.

„Тоа е огромен комплимент за мене особено затоа што станува збор за луѓе кои се постојано изложени на концерти од светски калибар – нешто кон кое се стремев уште во зората на мојата меѓународна кариера. Не беше различно и овој пат, се случи прекрасна музичка вечер и со нетрпение го чекам моето враќање во овој град“, додава Имери.


Инаку, пијаното на кое свиреше Имери, како што сведочат и наследниците на Станчич, има топлина, љубов и убавина – карактеристики кои ретко кој инструмент го поседува сам по себе. Правејќи паралела со познатата марка „Стенвеј“, велат дека по силниот и продорен звук на „Стенвеј“ на кој сме навикнати, кога ќе се слушне звукот на „Плејел“, на кој инаку, свирел и славниот Шопен, се чувствува дека тој „самиот од себе пее“. Неговите тонови се топли, нежни, а сепак, не им недостига силата на звукот за да го исполнат амбиентот.

Концертот на Дино Имери беше дел од Циклусот „Pleyel Svetislava Stančiča“, а организатор на настанот е уметничката организација „Кристофориум“, во соработка со Културно-информативниот центар на РСМ во Загреб. Уметничката организација „Кристофориум“, е основана во чест на италијанскиот градител на инструменти – Бартоломео Кристофориј.


Македонскиот пијанист Дино Имери до крајот на годината го очекуваат уште два значајни настани. На 24 ноември настапува во Ленгерих, Германија, во рамките на „Виртуозо фестивал“, додека на 4 декември, пак, во Скопје, во Камерната сала на Филхармонија на РСМ, ќе настапи заедно со македонската истакната диригентка Дијана Имери – Илкоска, а ќе го реализираат долгоочекуваниот проект „Музика и поезија – вечер со музиката на Шопен“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Предавање на уметницата и дизајнерка Надја Розева за уметноста на медалите

Денес со почеток во 11:00 часот во Свечениот амфитеатар на Европскиот универзитет предавање ќе одржи …