„Човекот по име Уве“ од шведскиот автор Фредрик Бакман во издание на „Антолог“

Фредрик Бакман е шведски писател и колумнист, кој пишува лесно движечки приказни – одисеи за обичниот маж и обичната жена, за нивните секојдневни храбри потези и одлуки. Неговиот стил е екстремно смешен, но и емотивен и паметен. Досега објавил шест романи, две новели за животот и љубовта и една книга за родителство. Во 2012 година Бакман го остварува своето литерарно деби, книга која по определени критериуми би можела да се нарече и глобална сензација – Човекот по име Уве.


Човекот по име Уве на прв поглед е само роман за влијанието на еден човечки живот врз безброј други, трагикомична приказна за сладок раздразлив старец што го малтретира целото маало со својата желба за апсолутна контрола.
Уве е 59-годишен вдовец и тагата по неговата неодамна почината љубена го тера секој ден да ја посакува сопствената смрт. Уве е тип на човек кој покажува со прст во луѓето што не му се допаѓаат. Секое утро врши рутинска инспекција низ населбата во која живее, ги преместува велосипедите и проверува дали ѓубрето е правилно селектирано, иако веќе поминале неколку години откако е сменет од функцијата претседател на здружението на станари. Уве е вечно гневен и незадоволен, лесно избувлив, Уве е сосед од кошмарите.
Меѓутоа неговата педантерија и железна принципиелност доаѓа во контакт со новите соседи и неочекувано се развива приказна што суштински ќе промени еден човек и цело соседство.


Филмската адаптација на книгата во 2017 година е номинирана за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, а во подготовка е американски римејк со Том Хенкс.
Преводот на книгата од шведски на македонски јазик е дело на Ивица Челиковиќ, графичкото уредување е на Марко Трпески, а книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и Министерството за култура на Република Македонија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Промоцијата на новата книга на проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева „Културни практики“

Денес, со почеток во 19:00 часот, во бифе Тафталиџе, книгоиздателството Ми-Ан ве кани на промоцијата …