(ВИДЕО+ФОТО) Марија Спасовска со „Дома“ и извонредна изведба испраќа моќна порака!

Песната „Дома“ во изведба на Марија Спасовска со која Македонија ќе се претстави на Детската Евровизија во Минск, Белорусија на 25.ноември оваа година е веќе објавена на официјалниот канал на Junior Eurovision Song Contest
Музиката и аранжманот на песната се дело на Дарко Димитров, а текстот го напишаа Елена Ристеска и Дарко Димитров. Песната „Дома“ има топла и хумана порака за сите: „Секое дете да го најде својот топол дом, да се згрижат децата од целиот свет кои немаат Дома, за сите да имаат Дома! Сите му се радуваат на снегот, никој не сака да врне дожд, за да не го стопи снегот. Но, вистинската радост и неопходноста за секој е топол дом“. Токму таа порака најемотивно во вид на Молитва ја пренесува Марија пред европската публика за Јуниорската евровизија 2018 година.
Видео записот за песната се снимаше во Македонската опера и балет под режисерската палка на Чедо Поповски со целосна поддршка на Компанијата Мулти Шпед од Скопје. За комплетниот изглед за двете промени во спотот кои ги носи Марија се погрижи најетаблираната модна куќа Елена Лука.


Марија секојдневно се подготвува вокално со професорката Ана Костадиновска, а за сценскиот настап во Минск, за комплетната кореографија и режија за најдоброто претставување на оваа приказна работи со младата и успешна режисерка Љупка Јакимовска со која Марија соработуваше и за претходните меѓународни настапи во Витебск на Славјански Базар, во Москва и други.
За Јуниорската евровизија секоја земја учесничка може да го поддржи и својот кандидат, односно да гласа за својата земја! Значи Македонија може да гласа за Македонија! Online гласањето ќе биде објавено за време на генералната проба во Минск 24.ноември 2018, а ние ќе го споделуваме преку медиумите за да ја дадеме поддршката за Марија Спасовска, за песната „Дома“ и за Македонија.
За прв пат на Детската евровизија 2018 ќе учествуваат најголем број учесници. Вкупно 20 земји од Европа, вклучително и Австралија ќе имаат можност да се борат за највисок пласман. Марија знае дека ќе се натпреварува во најсилна конкуренција, но за неа е најважно да им се допадне песната на сите, да остави сценски впечаток, да ја претстави својата земја во најдобро светло.
Настапот на 25. ноември во Минск е во живо. Ќе се емитува на МРТ од 17.00 часот, а за Марија е огромен предизвик и со нетрпение чека да застане пред 15.000 публика во големата Арена во Минск, Белорусија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Почина таткото на Тоше Проески

Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја објави неговата ќерка Дора, „Светол патот, татко …