ЗАПОЧНА СНИМАЊЕТО НА ГРЧКИОТ ФИЛМ „РИТАМ НА ЖИВОТОТ“ ВО КО-ПРОДУКЦИЈА СО КРУГ ФИЛМ ОД СКОПЈЕ

Во Атина започна снимањето на долгометражниот игран филм „Ритам на животот“ по сценарио на Америса Баста и Димитрис Накос од Грција, во режија на Баста, а во ко-продукција со „Круг филм“ од Скопје.

Снимањето на филмот ќе се одвива во текот на месец август оваа година, на повеќе локации во Атина, Грција.
Филмот ја раскажува приказната за Лена, 20-годишна жена која живее во Атина, работи во локален супермаркет и живее со своето семејство. Поради тоа што живее сиромашно, а секојдневието и е исполнето со напнатост, таа сака да се исели и да започне свој живот. Сè се менува кога Лена кога ќе добие отказ истовремено дознавајќи дека е бремена. Што ако одлуката да го задржи бебето е единствениот начин да ја зачува работата?


Во улогата на Лена се јавува младата Елина Цорбаци, а останата екипа е составена од актери од Грција и од Албанија.
„Ритам на животот“ е финансиски поддржан од Филмските Центри на Грција, Црна Гора и Кипар, како и од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Главен продуцент е грчката продукциска куќа „Соул Продукција“ на Јоана Султани, додека македонски ко-продуцент е Дејан Крајчевски од Круг филм. Ко-продуценти се и Деспина Музаки од кипарската „Брејкинг Вејв Продукција ЛТД“, и Немања Драговиќ од црногорската „Видеа Продукција“.

Ова е прв долгометражен филм на Баста. Нејзините краткометражни филмови „Не утре“, „Чадор“, „Христос и Димитра“, „Евива“ и други, во изминативе десетина години учествувале на низа локални и меѓународни фестивали и постигнале голем успех.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Екран ви ги претставува хедлајнерите на Pinkpop 2024

Екран во неколку објави ќе се обиде да ви ги презентира најголемите музички имиња кои …