(ВИДЕО+ФОТО) Вечерва е време за „Гордост“: Ако има малку правда и реалност моќната Тамара Тодевска со „Proud“ треба да влезе во финале – Подршка од сите земји во Европа!

Вечерва е денот „Д“ за сите кои со нетрпение го очекуваа настапот на Тамара Тодевска со „Proud“ на годинешниот избор за Песна на евровизија

Не се сеќавам кога сме имале вака добра комбинација за настап на „Евросонг“ – песна која има тежина но која и „влегува во уво“ и си ја потпевнувате, продукција и текст по светски „мерки“, пејачка – ама што треба да се кажува за Тамара која, според она што го видовме и слушнавме на првата полуфинална вечер, на останатите во Тел Авив може да им држи лекции од пеење…
Радува што тимот на Тамара решил да ги извести и сите нејзини фанови во земјите на Европа како можат да гласаат токму за неа…
И’, навистина очекуваме сигурен влез во финале, а за другото потоа…Бидејќи Тамара и нејзиниот тим го заслужуваат тоа – а и сите ние кои ќе ја следиме покрај малите екрани…
Вечерва за влез во финалето се борат и претставниците на Ерменија, Ирска, Молдавија, Швајцарија, Латвија, Романија, Данска, Шведска, Австрија, Хрватска, Малта, Литванија, Русија, Албанија, Норвешка, Холандија и Азербејџан.


Сите 18 земји учеснички, заедно со Германија, Италија и Велика Британија, ќе можат да гласаат во ова полуфинале.Покрај пласираните од полуфиналињата, ќе пеат и претставниците на големата четворка плус земјата домаќин: Италија, Франција, Германија, Шпанија, Англија и Израел.


Aвтори на евровизиската песна „Proud“ на англиски јазик се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а стиховите се дело на писателот Коста Петров, кои се дел од евровизискиот тим во Израел.

Ова ќе биде четврто учество за Тамара на овој престижен фестивал, но прво како солист.

На Евровизија таа првпат беше како придружен вокал на Тоше Проески, во 2004. година во Истанбул, потоа со Адријан Гаџа и со Врчак во Белград 2008. година ја претставуваше Македонија со песната „Let me love you“, но не се пласира во финалето. Како придружен вокал на Тијана, таа беше и на евровизискиот натпревар во 2014. година во Копенхаген.

Тамара ќе се обиде да освои гласови и со својот изглед и моќната сценографија и кореографија, подготвени со тим од Шведска.

Ќе носи смарагдно зелена драматична тоалета од свилен сатен и тул, која ја дизајнираше Александар Ношпал. Сцената во заднина ја красат осум огледала како холограм.

Инаку,@bbceurovision направи едно интересно видео со Тамара во кое може да се види колку е опуштена и како се забавува на Евровизија. Погледнете:

Тамара поради технички пропусти настапи двапати на генералната проба

Тукушто заврши првата генерална проба пред утрешното второ полуфинале на „Евровизија 2019“. На сцената на „Експо-центарот“ во Тел Авив ги слушнавме сите 18. учесници. Поради технички проблеми со светлото, македонската екипа побара Тамара да настапи уште еднаш, што беше прифатено од организаторите. Бидејќи бевме во салата и самите сме сведоци дека имаше проблеми со светлото. Инаку вечерва во 22. часот е втората генерална проба, кога ќе гласа жирито, кое има удел од 50. спрема 50. со гласовите на публиката. Фаворити од претставниците на земјите учеснички што настапуваат утре, на второто полуфинале се: Швајцарија, Шведска, Русија, Норвешка, Малта и Азербејџан. Од земјите во нашето опкружување ги слушнавме и претставниците на Албанија и на Хрватска, кои имаа впечатливи настапи. Се надеваме дека до утревечер ќе бидат коригирани сите технички проблеми и Тамара ќе блесне во полн сјај на евровизиската сцена.

Марија Таушанска (за Нова Македонија, објавено во среда, во 18. часот)

Во исчекување на вечерашните возбудување погледнете го видеото за „Проуд“:

Г.О.
Фото и видео: Instagram

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес се сеќаваме на нашиот фолк пејач Ѓоко Дончев

Ѓоко Дончев е роден на 2 мај 1949 година во Валандово. Тој беше истакнат македонски …