(ВИДЕО+ФОТО) Од сабота на „Канал 5“ се враќа „Фамилијата Марковски“

Долгоочекуваната втора сезона од популарната македонска серија „Фамилијата Марковски“ ќе почне со премиерно прикажување оваа сабота (09.11.2019) во 19.20 часот на телевизијата „Канал 5“.

Серијата минатата сезона ги освои симпатиите на публиката прикажувајќи го секојдневието на членовите на фамилијата Марковски и предизвиците што ги носи живеењето во едно дисфункционално општество.


Серијата е во продукција на „Арт проект лаб“, а е поддржана од European Endowment for Democracy (EED) и National Endowment for Democracy (NED).


Лиле (Силвија Стојановска), Иван (Александар Миќиќ), Јана (Тамара Ристоска), Виктор (Владимир Петровиќ) и Бојан (Петар Петковски) од оваа сабота ќе продолжат преку своите лични приказни да ни го илустрираат македонското секојдневие допирајќи многу теми кои често завршуваат на маргините. Здравствениот хаос, партиските вработувања и непотизмот беа само дел од темите кои беа обработени во претходната сезона.


– Со првата сезона се обидовме да допреме теми кои тогаш, но за жал и денес се сѐ уште актуелни. Публиката го препозна импулсот на серијата и ни дозволи да ја раскажеме приказната онака како што ја замисливме. Со втората сезона одиме уште подалеку, обработувајќи теми како семејното насилство, зависноста од коцкање и онаа можеби најболна тема за македонското општество – иселувањето на младите. Дејствието и овој пат е инспирирано од вистинити приказни од животот на граѓаните – изјавија од „Арт Проект Лаб“.

Втората сезона на „Фамилијата Марковски“ имаше и свое фестивалско претставување на овогодишниот Сараевски филмски фестивал, каде премиерно беа прикажани првите две епизоди од серијата како дел од програмата „Avant Premiere Gala“ заедно со уште четири балкански серии од новата продукција.

„Фамилијата Марковски“ е во режија на Даријан Пејовски а главните улоги ги толкуваат Силвија Стојановска, Александар Миќиќ, Тамара Ристоска, Владимир Петровиќ и Петар Петковски.

Серијата покрај премиерното прикажување во сабота во 19:20 на „Канал 5“ ќе може да се погледне и репризно во недела од 17:00 часот.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Промоција на книгата „Дни, години“ од Димитар Башевски

Денес, со почеток во 12:00 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, ќе се …