Објавен долгоочекуваниот трејлер за петтата сезона на серијата „The Crown“ на Нетфликс.
Дејствието е сместено во турбулентните 90-ти и го следи почетокот на крајот на бракот на принцот Чарлс и принцезата Дијана, но нема да ја покаже нејзината смрт.
Продолжението на текстот содржи спојлери.
Што се однесува до приватниот живот на кралското семејство, петтата сезона ќе се занимава со заладените односи меѓу принцот Чарлс и принцезата Дијана, како и притисокот што Чарлс го извршил врз кралицата за да му дозволи да се разведе од Дијана.
Како што се шират гласини за статусот на врската на Чарлс и Дијана, медиумите ѝ посветуваат сè поголемо внимание, па Дијана решава да го прекрши протоколот и да објави книга што ја поткопува јавната поддршка за Чарлс и ги разоткрива проблемите во Куќата Виндзор.
Во новата сезона ќе се појават и Мохамед ал-Фајед и неговиот син Доди Фаед, кои сакаат да добијат „место на кралската маса“, се вели во официјалниот опис на Нетфликс. Но, петтата сезона на „Круната“ нема да ја прикаже трагичната смрт на Дијана во 1997. година, туку тој настан ќе се случи дури во шестата сезона, која моментално се снима.
Луѓето ширум светот не престануваат да ја обожаваат, сакаат, сожалуваат Лејди Ди, но оваа серија ги разбранува духовите на многумина бидејќи „фикцијата“ ја направи премногу реална.
Фото: Принтскрин/Нетфликс