(ВИДЕО) „Ај Кју“ поздравени со овации во Тел Авив

Дваесет и пет илјади луѓе уживаа во евровизиски рефрени на најголемиот предевровизиски промотивен настан „Israel Calling“…

Со спектакуларен концерт на плоштадот Рабин во центарот на Тел Авив вчеравечер заврши третото издание на предевровизискиот промотивен настан „Израел ве повикува“.
Според официјалните податоци добиени од организаторот, 25 илјади луѓе присуствувале на ревијалниот концерт, што го прави и најмасовен досега, а директен пренос се емитуваше и на најголемите телевизии во Израел.
Покрај учесниците од 25 земји коишто во живо ги претставија своите актуелни евровизиски песни, како специјални гости на вечерта публиката имаше прилика да ги види и досегашните победници на Израел на Евровизија, Изхар Коен и Дана Интернешнл.
Очекувано домашната публика најголема поддршка и’ даде на Нета, којашто со песната „Toy“ годинава ќе настапи за Израел, а според обложувалниците е и фаворит за победа на Евровизија 2018.


И покрај бројните проблеми со техниката, којашто откажуваше и за време на самиот настап, поради обилните врнежи од дожд во текот на денот, организаторот се потруди да понуди музичка вечер за паметење, како и впечатливо визуелно шоу за секој изведувач на сцена долга дваесет и четири метри.
Пејачите пак комплетно ја дадоа својата енергија на задоволство на бројната публика, којашто возврати пеејќи ги нивните рефрени, во заедничка евровизиска еуфорија.
„Ај Кју“ велат дека се задоволни од престојот во Израел, како и од самиот концерт.
„Ова е еден од најмасовно посетените настани на коишто сме имале прилика да настапиме во живо и прв ваков за нас надвор од нашата земја. Мислам дека имавме одличен старт на промотивната турнеја, публиката реагираше позитивно на „Lost and Found“, нѐ радува тоа што ја знаат и ја пееја заедно со нас“, рече Бојан Трајковски.
Промотивната турнеја за „Ај Кју“ продолжува во Амстердам, на „Eurovision in concert“.
Александра Јовановска, специјален известувач од Тел Авив за МРТ


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Среќен роденден Сашко Пандев !!!

Сашко Пандев е роден на 1 мај 1987 година во Струмица. Тој е поранешен македонски …