Тројна промоција на романите – финалисти за наградата „Пегаз“ во 2022 година

На 29 септември (петок), во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Ист гејт“, со почеток во 19 часот, ќе се одржи тројна промоција на романите-финалисти за наградата „Пегаз“ во 2022 година. На настанот ќе бидат промовирани насловите „Писма од лудница“ од Срѓан Ивановиќ, „Мртва коска“ од Димче Парталоски и „Есента во животот на професорот по марксизам“ од Моџо Килингтон. Низ разговор со авторите, книгите ќе ги промовираат уредничките на изданијата од издавачката куќа „Арс Ламина“, Бисера Бендевска, Оливера Ќорвезироска и Татјана Димовска-Атанасова.

„Писма од лудница“ е загадочен политички трилер за уделот на агентите на УДБА во сочувувањето, односно во уривањето на југословенската заедница на народите и крвавиот раскол на идеологијата позната како „братство и единство“. Главното дејство во романот се плете околу навидум обични, љубовни писма што ги праќала дамнешна пациентка од психијатриска болница и кои ќе ги поврзат приказните на младиот стажант-психијатар Војдан и старецот Илија.


„Мртва коска“ е широка, епска фреска со мноштво автентични ликови распнати помеѓу стварното и нестварното, помеѓу сонот и јавето, вистината и лагата, желбите и можностите,.. создава цел еден можен, реалистично-ониричен свет сред неможноста на нашето време. Сложената, вмрежена приказна за ликовите извајани од нашите стварносни небитија и населени во една зграда на улицата „Прашка“ на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, продира до најдлабоките пластови на личното, но и на колективното, општественото.

Главен лик во кусиот роман „Есента во животот на професорот по марксизам“ е другарот 068, пензиониран професор по марксизам. Другарот 068 останува вдовец и се задушува во сопствениот стан во кој не е сигурен кој е помртов, тој или неговата Матилда. Револуционер без револуција, тој е како морнар среде пустина. Копнееше, читаше, се спремаше, а револуцијата не дојде. Напротив, контрареволуцијата се вдоми и го обликуваше животот. Секој ден сведочи како победуваат контрареволуционерите. Улица по улица, фабрика по фабрика, дом по дом – без капка крв, без никаков бунт од страна на пролетерите. И покрај тоа, тој тврдоглаво се држи за отпорот како полковникот на Маркес за неговиот петел. Еден ден, собира храброст и го отвора своето досие од УДБА и како од Пандорина кутија ги ослободува духовите од минатото…


За наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2022 година се натпреваруваа 38 ракописи. Наградата „Пегаз“ му беше доделена на ракописот „Зелениот дворец“ од Сибо, а во потесниот избор беа разгледани романите „Писма од лудница“, „Мртва коска“ и „Есента во животот на професорот по марксизам“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Бимилк организираше семинар со д-р Ранко Рајовиќ за негување на интелектуалните способности на децата

Воспитувачи, психолози, педагози, дефектолози како и родители учеа од д-р Ранко Рајовиќ за техниките за …