A 7638

Свечено отворање на фестивалот „Златна Лира 2023“ со концерт на Михаило Арсенски – тенор и Дино Имери – пијано

Во понеделник, 16 октомври во Музејот на македонската борба со почеток од 20:00 часот свечено ќе биде отворен фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна Лира 2023“ со концертот на Михаило Арсенски – тенор и Дино Имери – пијано.

Фестивалот ќе трае до 31 октомври 2023 година.


Програма:

Клод Дебиси
Три песни од Пол Бурже ИСПОВЕДИ

 


Тодор Скаловски
ЗАЛЕЗ
(текст: Матеја Матевски)

 

Томислав Зографски
МАРИКА МОМА УБАВА

 


Трајко Прокопиев
ГАЛАБЕ МОЈ

 

Рихард Штраус
ЧЕТИРИ ПОСЛЕДНИ ПЕСНИ
(текстови од Херман Хесе)

 

Тенорот Михаило Арсенски (Скопје, 1971), дебитира на сцената на Националната опера во Скопје воулогата на Грофот Хомонај во оперетата „Циганскиот Барон“ од Ј. Штраус на 8. март 1991 година, за време на студиите во класата на Проф. Милка Ефтимова. По дипломирањето на Факултетот за музичка уметност (1994), настапува во Скопје во улогите на Алфредо (Травијата), Бепе (Паљачи), Камиј (Веселата вдовица) и Грофот Алмавива (Севилскиот бербер). Се усовршува на Европската Моцартова академија за камерна музика во Краков, Полска и на Оберлин конзерваториумот во Оберлин, САД. Член е на Оперското студио на Париската национална опера (1998-2001) и често настапува како гостин на сцените на Операта Бастиј и Пале Гарние, каде во текот на девет театарски сезони остварува соработки со диригенти како: Џејмс Конлон, Даниел Орен, Пинкас Штајнберг, Гари Бертини, Владимир Јуровски, Ренато Палумбо, Никола Луизоти, Паоло Карињани, Филип Жордан, Улф Ширмер, режисери како: Роберт Карсен, Франческа Замбелато, Лоран Пели, Андреј Сербан, Џонатан Милер, Жана Моро (познатата филмска актерка). Арсенски е првиот претставник на Македонија на престижниот пејачки натпревар: BBC- The Cardiff Singer of the World во 2001 година. Низ Франција и Швајцарија остварува повеќе водечки улоги од италијанскиот и францускиот романтичен оперски репертоар како: Војводата (Риголето), Алфредо (Травијата), Фентон (Фалстаф), Неморино (Љубовен напиток), Алмавива (Севилскиот бребер), Гомаз (Заиде), Џенаро (Лукреција Борџа- Доницети), Родолфо (Боеми), Оронте (Ломбардијци- Верди), Аменофи (Мојсеј- Росини), Жералд (Лакме- Делиб), Надир (Ловци на бисери- Бизе), Винцент (Миреј-Гуно), Ромео (Ромео и Јулија- Гуно) и Вертер (од истоимента опера- Масне). Настапува на оперски концерти, но и во повеќе вокално- инструментални дела како: Бах Магнификат, Моцарт Реквием, Моцарт Крунидбена миса, Хајдн Годишните времиња, Бетовен Деветта симфонија, Росини Мала свечена миса, Алфеев Пасија по Матеј, Бизе Те Деум, во сали како: Опера Комик, Театарот Шанз Елизе, Салата Плејел, Салата Гаво и Аудиториумот на музејот во Лувр во Париз и Конгресниот културен центар во Луцерн, Швајцарија. Со посебен интерес го негува репертоарот на соло песни.
Од 2018 година е Доцент е по вокално пеење на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот во Минстер, Германија.

 

Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. За него француската критика ќе напише: „Дино Имери – магионичар на пијаното..“ (Magazine, OPS), а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна ниту публиката присутна на неговите концерти. За неговите изведби стручната критика ќе напише: „Дино Имери не само што ја изведува музиката, скоро како да ја компонира во моментот. Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и фасцинантна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет во неговите изведби – ова е краток опис на неговото големо умеење.“ (Е. Дочева, Kultura.bg) Настапувал со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камерниот оркестар на ФМУ – Скопје, Оркестарот на Националната опера и балет и други ансамбли. Добитник е на бројни награди и признанија: „Виртуози“ за млад музички уметник, „св. Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат на Фондацијата „Томислав Зографски“, Златна Бубамара на Популарноста, ранг во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie. Имери е застапен на бројни изданија за престижни дискографски куќи, а бележи успеси и како композитор, пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика. Своето образование се стекнува најпрвин во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), а дипломира со високи почести на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира со високи почести на ФМУ во Скопје (класа на проф. Симон Трпчески). Од 2018 година Дино Имери предава на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

В НЕДЕЛА СИТЕ НА ВОДНО – ДАЛИ СТЕ ПОДГОТВЕНИ ЗА НАЈМАСОВНИОТ ПЛАНИНСКИ НАСТАН ВО РЕГИОНОТ „SPARKASSE LIFE ПРВ ДО ВРВ“?

В недела, на 19 мај годинава, по 12-ти пат ќе се одржи спортската манифестација „Sparkasse …