„Смачено ми е од себе“ и промоција на книгата на Уневска, утре на Скопје филм фестивал

По сагата „Кум“, програмата на 25 – тото издание на Скопје филм фестивал продолжува со најновите европски и светски остварувања. Утре (четврток 15 септември), во Кинотека на С. Македонија, со почеток од 19 часот ќе биде промовирана најновата книга на филмската критичарка Сунчица Уневска „Дух во школка“.Ова е нејзина четврта книга, издавач е „Аквариус“.

„Ова не се само филмски рецензии, се вели во предговорот, ова се есеи за животот, за темите, кои вечно не’ интригираат и чии прашања и одговори се бројни, сè зависи каде одиме, што бараме и што се надеваме дека ќе најдеме“, се вели во предговорот на книгата на Уневска.


Веднаш потоа, во 20 часот ќе биде прикажана норвешко – шведската продукција „Смачено ми е од себе“ (2022), по сценарио и режија на Крисофер Боргли,  дел од програмата Фокус на европски филм.

Оваа мрачна норвешка комедија го издига токсичното однесување на повисоко ниво и со модифициран приказ на Минхаузеновиот синдром го разоткрива нашиот колективен нарцизам. Се води борба да се привлече вниманието на социјалните мрежи, а заедно со вродената морбидна љубопитност, играњето жртва станува форма на фетиш што еден од главните ликови решава да ја искористи. Нејзините импулси се колку смешни толку и одвратни, не затоа што етешко да се сфатат, туку затоа што на лично ниво можеме многу добро да ги разбереме.


Во 22 часот (четврток, 15 септември), публиката на Скопје филм фестивал ќе има можност да го погледне уште една проекција на овогодинешниот кански победник „Триаголник на тагата“ на режисерот Рубен Остлунд. Филмот е урнебесна, смешна и брутална сатира за ултрабогатите и за ѕвездите на социјалните мрежи. Амбициозен, див и без никаква воздржаност, „Триаголник на тагата“ заслужено го внесе Остлунд во малата групата на двојни добитници на „Златната палма“.

Потсетуваме дека вечерва (среда,14 септември) ќе биде прикажан третиот и последен дел од сагата „Кум“ на режисерот Френсис Форд Копола. Третиот дел од сагата за семејството Корлеоне излезе во 1990 година и забележал 7 номинации за „Оскар“, за прв пат бил номиниран и брилијантниот директор на фотографија Гордон Вилис, но не добил ниту еден.Со прикажувањето на антологискиот серијал „Кум“, Скопје филм фестивал во соработка со Кинотека на С. Македонија ја одбележуваат 50-годишнината од првиот од серијалот „Кум“ (1972).


Детален распоред на програмата на Скопје филм фестивал погледнете на www.skopjefilmfestival.com.mk  и на Фејсбук стрницата на фестивалот

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на детскиот филм „Луси гангстерката“

Денес, со почеток во 16:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево премиерно …