Вечерва во Атеље Колорис АМ во Штип, во 20:30 часот, ќе биде промовиран научнофантастичниот роман, „Последната мисла во универзумот“ од Валентин Нешовски.
Оние што ја прочитаа оваа книга помислија дека е напишана од вештачката интелигенција или, пак, зборовите излегле од авторот под благо дејство на халуциногени супстанции. Но, не е така. Во раскошна и возбудлива приказна за авантурите на главниот јунак Дон и неговите двајца придружници, тие ќе излезат од оваа Вселена и ќе се вратат назад. Иако Нешовски го убива целото човештво во 4 504 година, читателот ќе насети една цреша надеж. Впрочем, оваа книга е втората во очекуваната трилогија.
Бранко Тричковски: „Во класичен роман сместена е неверојатна испреплетеност на импозантни знаења од астрофизиката, еволуцијата, политиката, техниката и технологијата, роботиката, вештачката интелигенција, физиката на малите честички и на универзумот. Текстот е иритација и стимулација, на моменти шлаканица, на моменти охрабрување за човекот, неговата цивилизација и правецот во кој се развива тој и неговиот универзум, личен и вселенски. Жанровски, стилски и тематски ова е единствен текст. Во новелата човекот има околу 600 години да најде решение за брзината со која се шири вселената и која поради тоа што таа е поголема од брзината на светлината, ќе произведе тотален мрак. И човекот не успеал“, ќе напише еден од промоторите. И плус ќе додаде – „ова е модерно актуелно современо четиво што сигурно би одекнало добро во европската културна јавност“.
Тони Поповски: „Иако насловот на овој роман е песимистички, последната мисла, смртта и апокалипсата сепак ни овозможуваат да ја осознаеме надежта, поради сопствениот спиритус мовенс, нагон кој последен умира. Со еден ваков филозофски концепт, Нешовски на нас, читателите, со намера или без намера, сепак ни нуди утеха, а утехата е можеби и најдефицитарната емоција во нашево секојдневие.“