Промоција на книгата „Сакав да ти кажам“ од Лира Бојку

Во фоајето на Центар за култура „Трајко Прокопиев”-Куманово, на 09.09.2022 година со почеток во 18 ч. ќе се одржи промоција и презентација на книгата „Сакав да ти кажам” од Лира Бојку. Книгата раскази ќе ја промовира Љатиф Мустафа, модератор на настанот е Арѓира Елмази. Покрај убавата книжевност настанот ќе биде збогатен со музичка изведба на пијано од страна на Фатљум Алиу и Велмира Алиу. Книгата е објавена паралелно на два јазика македонски и албански јазик.

Лира Бојку е родена 1990 година во Скопје каде и денес живее и работи. Како што и самата ќе рече дека нејзината љубов кон пишувањето и , читањето растела заедно со неа. Авторка е на книгите „Црвени Чевли”, „Љубов во машина за перење”, „Љубов на генерал Ш”. Учесничка на многу литературни средби и настани.


This image has an empty alt attribute; its file name is Lira-Bojku.jpg

„Писателката Лира Бојку во „Сакав да ти кажам”, всушност, ја воспева љубовта која е и нејзин стожерен мотив, а тоа го прави со доживеаност и јасност, преку разидување или спојување во животот, тема која, од авторска страна гледано, никого не го одминува. Но, сепак, во својата основа на гледиштето, ги допира хуманоста и добрината, разбирањето и човечноста, обидувајќи се да ја разбранува и совеста на сета цивилизација. Од расказ во расказ, заплетено и непредвидливо, преку современа проза, Лира Бојку ќе допре и ќе навлезе во суштината на бројни теми кои се составен дел на животот. Но и кои секого ќе го заинтересираат. Не помалку ќе го привлече вниманието и со својата поезија во која ќе се искаже јасно и гласно, стегнато и рационално, метафорички ударно и допадливо, така што читателот ќе го стави уште пред една дилема: со што повеќе ќе го освои, со поезијата или со прозата? Безрезервно би додал: и со едното и со другото. Ќе го придобие со мудроста и со поетскиот приод и во поесните и во расказите. Во секој расказ се влегува преку жив дијалог и песна, преку мото во стихови, а на тој начин и на читателот му се отвора врата и влегување во раскошна соба која, преку динамична поезија и проза од нашево време ќе му ја открие вдахновената Лира Бојку. Таа, во ниеден момент не е здодевна и монотона, туку динамична и непредвидлива како раскажувач, а непатетична, непосредна, но многу сугестивна како поетеса: Ќе тргнам со ноќниот воз до твоето срце/ Доаѓам со куферот полн со цвеќиња и цимет/ Исчисти ја прашливата соба/ Таму ќе презимам и ќе ти ја направам пролет…
Она што остава посебен впечаток и белег, умеење и знаење, тоа е фактот што Лира Бојку, ако пишува на својот мајчин албански, сама преведува и препејува и на македонски јазик, што е реткост. И тоа со сите особености и нијанси на двата јазика. Така е и со оваа книга „Сакав да ти кажам”, (озаглавена преку наслов на една од песните во неа.) Тоа е и доблест и умеење, и образованост и поткованост, но и познавање на својот видокруг и мотивската материја. Тоа ја прави интелектуалец, арно ама и исклучителен автор во подем на два народа кои живеат во заедница. А и со право ќе очекуваме да ни остава вредни дела кои подеднакво добро ќе ја претставуваат и пред албанската, но и пред македонската читателска публика. Нејзините нови наслови допрва ќе дојдат.” (Горјан Петревски)


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Падот на Масада“ вечерва во Драмски

Вечерва во Драмскиот Театар во Скопје, со почеток во 20:00 часот ќе биде изведена театарската …