Промоција на книгата „Гласот на земјата“ од Мендо Димовски

Утре, во Домот на културата во Виница, со почеток во 12:30 часот, ќе биде промовирана книгата „Гласот на земјата“ од авторот Мендо Димовски.

Со првичните песни во Македонија што се родија после ослободувањето, односно со одот на „Силно светнатиот ден“ на Кочо Рацин и „Сончевата колона“ на Блаже Конески, се разви, расцуте, рашири и стана светски позната современата македонска поезија. Во првата деценија по ослободувањето сите автори од првата генерација, покрај споменатите и Лазо Каровски, Гого Иваноски и Србо Иваноски, пишуваа поезија за татковината, татковинска, родољубива поезија, која што го храбреше народот, не само во војната, туку и во изградбата на слободна македонска држава.


Потоа во македонската современа литература настапи еден силен чекор кон современата светска литература и како да се „подзаборави“ родољубието и татковинството кон својата држава и кон својата мајковина. Појавата на Мендо Димовски, едни можат да ја сфатат како натурена, други да ја сфатат како доаѓање во вистински час и трети можат да ја прифатат, да ја понесат или да ја чувствуваат како составен дел од нив.

Мендо Димовски не ѝприпаѓа на онаа мисла на големиот руски поет Мајаковски кој што пред еден век рече: „Ќе дојде време кога сите луѓе ќе пишуваат песни“. Тоа време дојде во Република Македонија, но само Мендо Димовски се оддели од широкото поле, од многубројните секојдневни изданија на книги за да ни покаже и да ни докаже дека неговото чувствување на татковината е резултат на силните емоции што владеат со него и на се она што сака да ни го каже и да ни го порача како поетска порака и изрека, како мисла и како татковинско чувствување дека татковината, не само што се брани со љубов, туку се брани и со македонскиот збор и со македонското чувство и со непрегледната и успешна асоцијација за убавините на нашата татковина.


Поетот Мендо Димовски во оваа книга се претставува како зрел автор чии стихови, искрен да бидам, во некое друго време ќе беа едни од најчитаните на страниците на учебниците. Бидејќи ова е време-невреме, кога се обезличуваме не по своја желба и намера, Мендо Димовски ни го повраќа, ни го враќа, ни го праќа своето чувствување, својот незаборав, својот непокор и својата голема љубов кон татковината која треба бескрајно и вечно да се сака. Мендо Димовски е единствениот од третиот милениум во 21 век, за разлика од првата генерација македонски писатели, што пишува родољубива, татковинска и мајчинска поезија. Тоа е доволно за еден човечки живот. Тој искрено, самоцелно и само за себе си има освоено посебно место во нашата современа литература што вистински му припаѓа.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вечерва во Театар Комедија игра претставата „Пар распар“

Во Театар Комедија, вечерва со почеток во 20:00 часот ќе може да ја погледнете театарската …