Вечерва во Театар Комедија игра претставата „Пар распар“

Во Театар Комедија, вечерва со почеток во 20:00 часот ќе може да ја погледнете театарската претстава „Пар распар“, во режија на Нина Николиќ.

Автор: Нил Сајмон
Превод: Маја Трајаноска Ивановска
Драматург: Тамара Барачков
Инспициент: Александар Јорданов
Костимограф: Ивана Каранфиловска Угуровска
Соработник костимограф: Марија Ѓоргиевска
Сценограф: Вишња Вујовиќ
Соработник сценограф: Милан Несторов
Композитор: Оливер Јосифовски
Музички продуцент: Давор Јордановски
Дизајн на светло: Крис Јегер
Сценски движења: Димитриос Сотириу
Изработка на сценографија: Никола Николовски
Светло мајстор: Слободан Илиоски
Тон мајстор: Томи Анчов
Фотографии: Кире Галевски
Дизајн на плакат: Димитар Димитров
Реквизитери: Крон; Жаклина Пецевска
Суфлер: Зорица Манаскова


Играат:
Валентин Костадиновски – Феликс Унгар
Атанас Атанасовски – Оскар Медисон
Григор Јовановски – Мари
Тони Денковски – Брзи
Сергеј Димоски – Вини
Виктор Арсов – Рој
Жаклина Петровска – Сесили Пиџн
Маја Љутков – Гвендолин Пиџн

Премиерно изведено на Бродвеј во 1965 година, делото „Пар распар“ од Нил Сајмон во текот на шест децении има доживеано безброј сценски толкувања, повеќе телевизиски екранизации, со една мошне успешна филмска адаптација, која на публиката ù е најпозната со Волтер Матау и Џек Лемон во главните улоги. Базирани на спротивностите (редот против хаосот, законот против анархијата) и карактерните разлики, ликовите Оскар и Феликс се моќно дуо, архетипски пар кој ќе инспирира безброј серии и филмови на поджанрот buddy comedy (другарска комедија). Причината за ваквиот успех кај публиката ја пронаоѓаме во вештиот и остроумен хумор на Сајмон, како и неверојатната леснотија со која создава впечатливи ликови. Иако се типични њујорчани Оскар и Феликс, два поларитети, кои поседуваат прецизен психолошки профил, ама и една сопствена универзалност која ги надминува локалните и временски рамки. Разводот, самотијата и живеењето сам, како и потребата и барањето партнер се само некои од мотивите кои ги истражува делото „Пар распар“, а кои се воедно проблеми на современото општество, нè натераа да го поместиме делото во денешниот момент, што се покажа како благороден чекор.


Тазе разведени, Оскар и Феликс ќе се најдат во заедница која, парадоксално, станува симулација на брак, нивниот однос добива својства на типичен традиционален модел на машко-женска врска, што и доведува до многубројни комични ситуации. Меѓутоа, живиот и брз дијалог, како и хумористичните и динамични ситуации низ кои нè води Сајмон, истовремено ни откриваат длабока слабост и осаменост на ликовите. Оскаровиот свет во кој владеат неред и запуштеност, на неговите оженети пријатели им личи на рај за самци, место за слобода и уживање, без ограничувања и забрани, ама всушност тоа е скривалиште за човек кој е неспремен да се соочи со сопствените мани, траумата од разводот и неможноста да го признае личниот неуспех, се врзува во јазол со предизвиците кои ги носи новиот почеток. Од друга страна, за Феликс, кој е катализатор на промените на Оскар, тој нов почеток е можност да ја совлада повторно лекцијата на живот во пар.

Низ делото „Пар распар“, Нил Сајмон ни сугерира дека ни едно гледиште на овие ликови не е погрешно, ама не е ни сосема правилно. Така спротивставени, еден на друг си предизвикуваат позитивна промена и потребна рамнотежа, бидејќи во секој ред треба малку слобода, на секој хаос му треба малку ограничување – Тамара Барачков.


Времетраење на претставата: 2 часа и 10 минути.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Доделување на наградите „Гласник на невидливите“ за 2024

Денес во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 19:30 часот, во организација на Македонска …