Промоција на 4 книги од авторката Дубравка Угрешиќ

По повод денот на победата над фашизмот, 9 мај, што е воедно и последниот ден од изложбата „Црвеното училиште“ на Дубравка Угрешиќ, Контрапункт (Скопје) во рамки на КРИК 09 со наслов „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“ и Мултумедијалниот институт (Загреб) Ве покануваат на промоција на 4 книги (box-set) во авторство на авторката Дубравка Угрешиќ, а во превод на Владимир Јановски и Алек Кузмановски.

Промоцијата ќе се одржи во КСП Центар -Јадро во Скопје, со почеток во 19:30 часот.


На промоцијата ќе говорат Владимир Јанковски, писател, преведувач и теоретичар на книжевноста и Петар Милат филозоф, директор на Мултимедијалниот институт од Загреб и издавач, а и близок пријател на Дубравка Угрешиќ.

Во рамки на промоцијата ќе бидат промовирани 4 книги од Угрешиќ: „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Црвеното училиште“ „Тука нема ништо!“, во превод на Владимир Јанковски и „Нарилник за вештерки“ во превод на Алек Кузмановски.


„Штефица Цвек во челустите на животот“ е можеби најпознатиот роман на Угрешиќ. Со оваа книга таа станува позната на книжевната сцена во поранешна Југославија. Во романот на постмодернистички начин, авторката иронично и духовито си поигрува со тривијалната литература градејќи го текстот како шема за кроење проследен со кројачки термини, при што графички и содржински вметнува цитати, писма и совети.

„Нарилник за вештерки“ е жанровски специфична книгата. Нејзиниот прв дел е еден вид проширена роденденска честитка од авторката упатена на својата хероина Штефица Цвек. Честитката истовремено е и осврт на четириесетте години заеднички живот и судбината на еден книжевен лик, на една книга и на една авторка. Вториот дел од книгата го сочинува долгиот разговор со теоретичарката на книжевноста и феминистка Мерима Омерагиќ.


„Тука нема ништо!“ претставува провокативен есеј во кој врз примерот на бањите и бањските лекувалишта авторката го анализира животот во постсоцијалистичка Европа и Хрватска. Некогашниот важен топос на граѓанската култура во новите историски услови станува метафора за опустошеноста на еден простор и време. Есејот е проследен со серијата фотографии на Давор Коњикушиќ, направени во неколку бањи во Хрватска,Словенија и Босна и Херцеговина.

„Црвеното училиште“ се состои од текстови и визуелни дела кои се поврзани со работата на Дубравка Угрешиќ врз неколку буквари од различни временски периоди, преку кои прави анализа на различни културолошки и идеолошки аспекти поврзани со објавувањето буквари.

Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023) има завршено компаративна и руска книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб. Во институтот за теорија на книжевност при истиот факултет работела речиси дваесет години. Од политички причини, на почетокот на деведесеттите години е присилена да ја напушти Хрватска, една година по објавувањето на тогаш анонимниот памфлет „Вештерките од Рио“, во кој се нападнати пет хрватски писателки. Неколку години поминува во Германија и САД, од 2001 живее во Амстердам.Повремено предаваше на американските и европските универзитети, и пишуваше и за европски весници и списанија.Беше остра критичарка на агресивниот национализам и културата на книжевниот пазар. Нејзините дела се карактеризираат со комбинација на иронија, полемичност и емпатија. Дубравка Угрешиќ е наградена со неколку меѓународни награди за своето есеистичко дело, почнувајќи од збирката есеи „Американски фикционер“ и „Култура на лагата“. Други значајни есеистички книги се „Забрането читање“ , „Нема никој дома“, „Напад на минибарот“ и „Европа во сепија“. Нејзини најзначајни романи се „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Музеј на безусловното предавање“, „Министерство на болката“ и „Баба Јага снесе јајце“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вечерва во МНТ ќе биде изведена претставата „Не се клади на Енглези“

Вечерва во Македонскиот народен театар во Скопје, со почеток во 20:00 часот, ќе може да …