Последен Удар за Андерфест: Супер е што постојат фестивали на кои македонските артисти ќе може да свират пред домашна публика

Последен Удар се панк рок, ои и стрит панк бенд од Скопје. Формирани од другари од улицата кои сакаат да ги пренесат вистинските чувства од улицата и секојдневното опкружување. Свират насекаде низ Македонија, а следно планираат да излезат од нашите граници. Скопската публика ќе може во живо, за првпат да го слушне нивниот нов албум, на Андерфест фестивалот на 13 октомври. Прочитајте што имаат да кажат дечките од Последен Удар.

Оформени сте во 2018 година, како настана Последен Удар?


-Всушност, оформени сме летото 2017 година. Последен Удар настана од идеја на повеќе другари, со цел пренесување на вистинските чувства од улицата и секојдневното опкружување од општеството. Од почеток па до сега, пробуваме на свој начин да се изразиме преку текстовите и музиката кои ги правиме.

Имате 1 ЕП и 2 албуми досега. Како сте задоволни од тоа како вашата музика е прифатена од публиката?


-Првото ЕП се вика како и името на бендот “Последен Удар”, првиот албум е “Не сме како вас”, и сега најновиот албум што го свириме е “Сега и засекогаш”. Реално, никогаш не сме правеле музика за “на другите да им се свиѓа”, меѓутоа тоа што го правиме гледаме дека публиката го прифаќа и се повеќе се препознава во текстовите, што ни е многу драго. Сепак, ние сме израснати низ улиците и во тие underground кругови, па нашите ставови и на луѓето што не слушаат и не се многу различни.

Сте имале доста настапи во Скопје и низ Македонија, дали може да издвоите некој настап што ви останал во сеќавање?


-Да, настапи сме имале и ЌЕ ИМАМЕ низ цела Македонија, се надеваме повеќе во иднина. Сите настапи нас ни се посебни и не можеме да ги споредуваме, меѓутоа секогаш настан што останува во сеќавање кај повеќето бендови е првиот настап. Нашиот прв настап беше во Rock Bar Roxy (кој не постои веќе), каде што свиревме заедно со Цепени Ќунци од Ладовица (Србија), кои ни останаа добри другари до ден денес.

 

Каде го снимавте „Сега и засекогаш“ и како си поминавте на снимањето?

-И двата албума се снимени во Студио 1060, со помош на Дени и Васко од 21 Век. Секогаш добра и опуштена атмосфера и дефинитивно соработката ќе продолжи.

Што мислите за моменталната алтернативна сцена, имаме еден бран од нови, млади и креативни бендови. Да се надеваме дека ќе остане така подолго време, но зошто баш во овој момент дојде до тој наплив на креативна енергија?

-Кога го правевме името на бендот, мислевме дека ќе останеме ние последниот удар, мило ни е што згрешивме. Има доста бендови на кои им треба поддршка со цел да се промовираат пред поголема публика. Не знаеме зошто баш во овој момент почнаа да се раѓаат бендови, меѓутоа ние стоиме на располагање за поддршка на тие бендови.

Новиот албум „Сега и засекогаш“ го слушнаа во Куманово и Охрид, а за првпат во Скопје публиката ќе го чуе во живо на Андерфест фестивал. Што мислите за ваков тип на фестивали посветени исклучиво на македонски изведувачи?  

-Супер е што постојат такви фестивали на кои македонските артисти ќе може да свират пред домашна публика. Куманово и Охрид беа супер настапи, се надеваме дека и на овој фестивал ќе ја има таа енергија.

Што може следно да очекува публиката од Последен Удар? 

-Настапи. Насекаде. Пробуваме до фестивалот да одмориме од сите обврски, за после тоа да почнеме со договарање на настапи низ цела Македонија. Целта ни е да свириме во што повеќе градови низ Македонија, па и да излеземе од границиве малце.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Завршен концерт на одделот за жичани инструменти на учениците при ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”

Денес со почеток во 19:00 часот во концертната сала на ДМБУЦ ќе може да го …