Низата прослави на триесеттиот роденден на Канал 103 завршува денес со промоција на компилацијата “Надоаѓачкиот звук на Скопје”. На компилацијата се поместени десет современи електронски музички искази кои за продуцентите претставуваат пресек на моменталната локална музичка сцена. Тие, иако со различни социјални и културни позадини, ѝ припаѓаат на новата генерација независни електронски музичари и диџеи, кои досега можеше да се чујат по скопските клубови, независни радија и ретки издавачки куќи, но некои од нив и за прв пат се наоѓаат на официјално музичко издание. Разновидноста на музичарите и сцената се препознава и во широкиот спектар на музички стилови кој го покриваат овие десет траки, па така, тие се соодветни за радиско преслушување, подиум за танц или некое поинакво амбиентално доживување.
Осмото по ред издание на Канал 103 е поддржано од буџетот за финансирање на програми и проекти од областа на културата од интерес на Град Скопје. Аудио мастерот е на Горан Симоновски (La Plant Studio, Белград). Продуценти на компилацијата се Марко Рикалоски и Ивана Драгшиќ.
Компилацијата овие денови доживува органска промоција од некои од најквалитетните алтернативни музички платформи, радија, радиски емисии, издавачки куќи и промотери:
- Mutant Disco Radio Show: https://soundcloud.com/mutant-disco/premiere-krt-automatic-obedience-stotrojka
- 44,100Hz Social Club: https://soundcloud.com/44100hzsocialclub/premiere-bodan-jamakoski-stotrojka-2021
- Oslated: https://soundcloud.com/oslated/nova-tramlines-stotrojka
- Whypeopledance music: https://soundcloud.com/whypeopledance/premiere-aka-thesaur-x-lirka-leach-stortojka
Дигиталното издание е достапно за стрим и даунлоад на https://stotrojka.bandcamp.com/album/the-rising-sound-of-skopje, а на промоцијата во продажба ќе биде достапен и мал тираж на касетно издание (со код и за дигитален даунлоад). Промотивните настани и слушачката промоција се случуваат денес, на 29.12.2021 во Кафе Котур од 21:00ч и од полноќ во клубот Минус еден.