На денешен ден е роден нашиот писател Божин Павловски

Божин Павловски е роден на 7 јануари 1942 година во с. Жван, Демирхисарско. Тој е македонски писател и редовен член на МАНУ. Тој живее и твори во Скопје и Мелбурн.

Во родното место го завршил основното училиште, а во Битола завршил за ветеринарен техничар. Во 1961 година се вработил во ветеринарната служба во Уб, Србија, но кон крајот на годината се вратил во Битола, каде се запишал на Вишата земјоделска школа. Во 1962 година освоил прва награда на едне конкурс за расказ по што се преселил во Скопје, каде работел во весниците „Студентски збор“ и „Трудбеник“, а потоа во редакцијата на „Млад борец“. Истата година ја добил наградата на Сојузот на младината на Хрватска за најдобра репортажа. Во 1963 година се вработил во „Нова Македонија“, каде работел две години, најпрвин како филмски критичар, а потоа и како репортер од областа на културата. Во 1970 година бил на повеќемесечно патување во Австралија и Канада, а во 1971 година дипломирал југословенска книжевност на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1975 година повторно заминал во Австралија, каде раководел со екипата што го снимила документарниот филм „Австралија, Австралија“ според неговото сценарио. Следната година, филмот освоил Гран при за најдобар филм на фестивалот во Белград. Во текот на 1976 година бил на подолг престој во Тајланд, Јапонија, Сингапур и Хонгконг.


Павловски бил долгогодишен главен уредник на издавачката куќа „Мисла“ во Скопје, а исто така, е основач на издавачката куќа АЕА, основана во 1992 година во Мелбурн, Австралија. Оваа издавачка куќа ги издава весниците „Денес“ и „Македонија денес“ кои се вбројуваат меѓу највлијателните етнички весници во Австралија, САД и Канада. Во 1996 година, Павловски станал главен уредник на книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 до 2013 година).

Делата на Божин Павловски се преведени на дваесетина јазици, меѓу кои: англиски, француски, руски, српски, италијански, романски, албански, словенечки и други јазици.


Божин Павловски е добитник на следниве награди и признанија:

„Рациново признание“
„11 Oктомври“ (1978 година за романот „Вест Ауст“)
Награда „Стале Попов“
„Гоцева повелба“
„Кочо Рацин“ (1973 година за романот „Дува“)
„Младост“, Србија
„Арка“, Србија
„Железарница Сисак“
„Екселзиор“, Романија
Исто така, „Роман за моето заминување“ ја освоил наградата за најпродавана книга на Меѓународниот саем на книгата во Скопје (2002 г.), а „Патувањето со Љубената“ ја добил Интербалканската награда за книжевност во Солун (2002 г.).


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Гостувањето на Катерина Бабкина една од најуспешните современи украински писателки

Артконект со задоволство го најавува гостувањето на Катерина Бабкина, една од најуспешните современи украински писателки, …