Мистериозниот електро – поп бенд „Nipplepeople” со сценски настап во Скопје

На 8 октомври, сабота, со почеток во 21 часот ќе се одржи 12то издание на ПМГ Рекордингс фестивал со наслов „Градот ме тера да пеам”. Со квалитетна музучка понуда и на два музички подиуми, фестивалот ќе се одржи во Младинскиот културен центар.

На првиот и главен подиум, гости и ѕвезди на фестивалот се Ниплпипл (Nipplepeople) од Загреб, Хрватска, еден од најпопуларните електро – поп бендови во регионот. Мистериозното дуо, кое на сцената настапува маскирано во ретро – футуристички костуми, веќе десетина години егзистира на сцената. Вистински куриозитет е што досега имаат дадено само неколку интервјуа за медиуми, а во едното од нив одговориле само со музички броеви. Преферираат публиката превенствено да ја прими нивната музика и сценски перформанс, наместо да говорат за својата музика, која одлично кокетира и со трип – хопот. Музичките критичари ги дефинираат како „перверзно среќен трип – хоп”, а нивниот сценски настап го споредуваат со оној на светски познатите бендови како The Knife и Goldfrapp. Нивната песна „Фрка” е апсолутен хит во последниве години. Уникатниот сценски настап е нивно главно обележје, а скопската публика веќе има изградено одлична комуникација со бендот.


„Луфтханса” е еден од македонските водечки бендови на новата генерација, кој носи свежина, автентичност и неисцрпни количества младешка енергија. Периодов го издаваат нивниот нов албум „Давор” за ПМГ Рекордингс, а на фестивалот ќе се претстават со целовечерен концерт и тоа за првпат во нивната куса, но возбудлива кариера.

„Хајка” е бендот на годината. Настапија на сите поважни настани низ земјата и патем ги освоија срцата на публиката. За нив се пишува, се зборува, а на ПМГ Рекордингс фестивалот во МКЦ, освен фуриозна свирка, очекуваме и промоција на нивниот нов видео спот.


Програмата на главната сцена ќе ја надополнат и младите битолчани „Cut Your Nipple” и феноменалниот скопски електро-етно-џез состав „Кантон6″.

Вториот подиум за танц, под името „PMG Tanz Digital stage”, ќе биде отворен во холот пред киното Фросина и ќе биде целосно посветен на електронската музика. Настап во живо ќе забележи талентираниот кавадарчанец Зоран Веселинов, а со диџеј сетови ќе се претстават некои од најквалитетните имиња кои гравитираат околу ПМГ лејблот: Галатеа, Андреја Салпе и Виолета Качакова.


ПМГ Рекордингс фестивал е годишна смотра на истоимената дискографска куќа, која со повеќе од 200 изданија на современа македонска музика е водечка сила на домашната сцена во последниве децении.

„Градот ме тера да пеам” е и наслов на компилација, која, како јубилејно 200то издание, наскоро ќе се појави на бенд кемп страната на „ПМГ Рекордингс” и е достапна за слободен даунлоуд.

https://pmgrecordingsk.bandcamp.com/album/gradot-me-tera-da-peam-pmgr200

Фестивалските врати се отвораат во 20 часот, а програмата ќе се одвива на два подиума  до 3 часот по полноќ. Влезниците се пуштени во претпродажба на билетарницата на МКЦ Скопје и он лајн на следниот линк: https://bileti.mkc.mk/index.php?id=1130 . Цена на билетот во претпродажба е 400 денари.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес се сеќаваме на нашиот познат актер Данчо Чевревски

Данчо Чевревски е роден во Скопје на 17 мај 1951 година. Тој беше познат македонски …