Интервју со Наум Петрески: Нови песни имало и ќе има додека ме држи гласот, да се надеваме на подобро утре за Македонија и Македонците

Наум Петрески е еден од нашите најквалитетни и најдобри пејачи на народна музика. Неговите вокални способности се надалеку познати и признати. Во екот на сезоната на настапи Наум одвои време да поразговара со Екран и даде многу интересни одговори на нашите прашања. Уживајте во интервјуто со Наум кое е во рамките на соработката помеѓу „Екран“, „Скендеровски Продукција“ и проектот „Македонијо во срце те носиме“.

-Кои ви се најубави спомени што ви останале во сеќавање од вашето детство кое го поминавте во вашиот роден град Струга? Дали може да издвоите некој настан кој до ден денес го паметите?


Имам илјадници меморирани спомени од моето детство, но еден спомен остана трајно кога со моите другари кампувавме со шатори на Јабланица. Се капевме на Сини очи на 2300 метри надморска височина, па после се лизгавме на снег и се тепавме со снежни топки среде јули. Еднаш кога се вративме во кампот, го затекнавме еден од другарите што не можевме да го разбудиме наутро, во шаторот гушнат со Шарпланинец од блиското бачило.

-Повеќе од 35 години сте активни на сцената. Вашите музички почетоци не беа во народната музика, туку во забавната. Дали можете да ни кажете нешто околу тие ваши први настапи, и од кога започнувате да пеете народна музика?


Народната музика ми е всадена од кога знам за себе, бидејќи дома скоро сите пееја одлично, а јас почнав да свирам хармоника од моите шест години. Почетоците ми се од основното образование каде настапував на школски приредби и манифестации па дури и пеев во Загреб на меѓународните „Смотри на фолклорци“ на свои 7 години во салата Ватрослав Лисински. Потоа свирев малку во Распеани Стружани каде дојде идеата заедно со Тошо Мареноски исто одличен хармоникаш да направиме своја група, но после воениот рок кој беше обавезен во тоа време во Југославија. Во ЈНА уште од првите денови ме забележаа и одма почнав да свирам, а покасно само да пеам во армискиот дом во Лесковац. После восјката со Тошо ја спроведовме нашата идеа на дело и направивме бенд „Галеби“. Пет месеци прво правевме само проби, па имавме 8 саати само актуелни забавни песни од бившите ЈУ простори и од сите групи и изведувачи во тоа време, но како излегуваа хитови одма ги вежбавме и ги свиревме. Тоа беше во 1987 година и нашиот почеток на 1ви Мај во Евро Хотел и од тогаш до мојот почеток на соло кариерата во 1991 година, бевме едни од најпосетуваните групи и се редеше се побогат репертоар. Така дојде и моето прво запознавање со Љупчо Трајковски-Фис на редовна аудиција во МРТВ и учество на Фолк Хит на годината 1990 година. Потоа следеше големото дебитирање со освоени сите можни први награди на Фолк Фест Валандово со „Има ли песна“. Другото е веќе многу познато.


-Секоја ваша песна била и ќе биде хит. Но, ако мора да одберете, дали „Има ли песна“ е вашата најпозната и најомилена песна?

„Има ли песна“ е секако мојата најубава животна песна без преседан.

-Риболовот ви е голема страст. Дали наоѓате време за да уживате во ова ваше хоби, и кое е вашето најомилено место за риболов?

Риболовот ми го всади татко ми од најраните мои години и се до ден денес трае. Уживам во мир и природа со добро друштво и шеги покрај вода. Омилени места имам многу, едното е Струга помеѓу дрвениот и поезискиот мост, другото е во Радожда влечење блинкерчиња, третото е Тиквешко езеро во Праведнички залив. кај мојот колега професор, музичар, но пред се пријател Даме Коларовски алиас Баџомир кој има викендица со планинска река и дрвен мост до него и недопрена природа. Имам уште места, но ќе треба три дена да пишувам.

-Каква музика слушате во слободно време?

Го слушам Пако де Лусиа секогаш, но и вистинскиот рок.

-Како го поминувате летниот период, дали имавте некои настапи или повеќе го користите овој период за одмор?

Цело лето имав настапи, но најдов време за риболов, рекреација, другарување. Бев 10 дена во Црна Гора и го искористив времето за капење и сончање во мир и тишина.

-Моментално сте актуелен со песната „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“ која е дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“. Како дојде до тоа да учествувате во овој проект и да ја испеете токму оваа наша традиционална патриотска песна?

Овој проект и треба на Македонија како вода во пустина, во ова време кога сите стари волци пак почнаа да ги острат своите заби, за да дораспарчат и тоа малку што остана од Македонија, со помош на старите душмани кои од секогаш биле против македонците, но и северно македонските квинслинзи кои испродадоа и обезличија се што е наше за долари, но и од нив поставени мислев на „производителите на доларите“. Песната за Миле Поп Јорданов бара сериозни гласовни перформанси и затоа се нафатив да ја отпеам, за нај-гемиџискиот Велес и Велешани.

-Дали може да ни кажете нешто за вашите идни планови, можеби нова песна или некој нов проект? Што може следно да очекуваме од Наум?

Нови песни имало и ќе има додека ме држи гласот, за проекти тешка работа со оваа ненародна власт, но да се надеваме на подобро утре за Македонците.

 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на театарската претстава „Не можам да платам, не сакам да платам“

„Не можам да платам, не сакам да платам“ од Дарио Фо, во режија на Владимир …