(ФОТО) ПРООДЕЛ ПОСЛЕ ДВЕ ГОДИНИ: Со мислите го контролирал егзоскелетот!

Иако со ова одело засега не се може вон лабораторијата – бидејќи тоа мора нон стоп да биде прицврстено на таванот за да се минимилизира ризикот од пад – станува збор за значаен напредок…
Парализиран маж успеал да ги помрдне рацете и нозете благодарение на посебно роботско одело со кое управувал со своите мисли, објавиле француските научници.
Како што денес пренесе „Би-Би-Си“, Тиболт (30) рекол дека правејќи ги првите чекори се чувствувал како „човек на месечината“.
Неговите движења, посебно одењето, е далеку од совршено, а роботското одело, т.н. „егзоскелет“, засега може да се користи само во лабораториски услови, рекле научниците.
Меѓутоа, нагласиле дека тој изум може еден ден да го подобри квалитетот на животот на таквите пациенти.
Тиболт минал операција со која на површината на мозокот му биле вградени два импланти покривајќи ги деловите од мозокот кои ги контролираат движењата.
Шеесет и четири електроди на секој од двата импланти ја читаат активноста на мозокот и ги пренесуваат инструкциите на компјутерот. Софистициран компјутерски софтвер ги чита мозочните бранови и ги претвора во инструкции за контрола на егзоскелетот.
Кога човек ќе помисли „оди“, се покренува ланец од инструкции кои му помогнуваат да ги помрдне нозете.Може да ги контролира и рацете, маневрирајќи со нив во три димензии.



Тиболт кој не сака да му се објави презимето, бил оптичар кога пред четири години доживеал несреќа во ноќен клуб и останал парализиран. Во болница минал две години.
Во 2017. година е вклучен во испитувањето на „Клинатек“ и Универзитетот во Гренобл.
Прво вежбал користејќи ги мозочните импланти на виртуелни лица, аватари, во компјутерска игра, а потоа тргнал и во вистински обиди.
„Ми се чинеше како да сум првиот човек на Месечината. Не одев две години. Заборавив како е тоа да се стои, заборавив дека сум повисок од повеќето луѓе во собата“, рекол.
Додал дека му било потребно повеќе време да ги помрдне рацете отколку нозете.
„Беше многу тешко бидејќи тоа е комбинација на повеќе мускули и движења. Тоа е нешто најимпресивно што го имам направено со егзоскелетот“, додал Тиболт.
Иако со ова одело засега не се може вон лабораторијата – бидејќи тоа мора нон стоп да биде прицврстено на таванот за да се минимилизира ризикот од пад – станува збор за значаен напредок во слични обиди со кои се сака да им се овозможи на луѓето да ги контролираат рацете и нозете со своите мисли.
„Тоа е далеку од автономно одење“, рекол Алим – Луис Бенабид, претседателот на извршниот одбор на Клинатек за „Би-Би-Си“.
Бенабид кој го развил длабокиот мозочен стимулатор за Паркинсоновата болест додал:
„Го решивме проблемот и покажавме дека принципот е исправен. Тоа е доказ дека можеме да ја прошириме мобилноста на пациентите со помош на егзоскелет“.
Француските научници велат дека сега можат да ја подобрат технологијата, но ги има и оние кои сакаат да ја искористат за јакнење на човечките можности, на пример во војската.
„Апсолутно не одиме во правец на тие екстремни и глупави примени“ рекол Бенабид.
„Наша работа е да им помогнеме на повредените пациенти кои ги загубиле функциите“.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

„Падот на Масада“ вечерва во Драмски

Вечерва во Драмскиот Театар во Скопје, со почеток во 20:00 часот ќе биде изведена театарската …