Вечерва, премиерно, во Драмски ќе биде изведена „Чудесна терапија“:Претстава за нарушената комуникација меѓу мажот и жената

Вечерва, сабота, од 20 часот во Драмски театар Скопје на малата сцена премиерно ќе биде изведена камерната претстава „Чудесна терапија“ по текст на австрискиот автор Даниел Глатауер и во режија на Димче Николовски.
Осумдесетминутната претстава со тројца актери (Соња Стамболџиоска во ликот на психотерапевт и Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски – во улога на брачна двојка) раскажува за многу нарушена комуникација и недоразбирање меѓу маж и жена. Тие одат на брачно советување, терапија која добива чудесни размери.
Според режисерот Николовски животот е генератор на пречки кои ја носат врската во неочекувани насоки и проблеми.
„Начинот на кој се справуваме со нив, може да ја зацврсне, а може и потполно да ја уништи. Во ваквите моменти, комуникацијата е единственото ненасилно и ефикасно оружје што го поседуваме. Комуникацијата е универзална способност на секој човек. Но, дали знаеме вистински да комуницираме? Се чини едноставно, но во врска, сакале или не, се’ станува комплицирано. Понекогаш и до бескрај. Разговорот знае да прерасне во кавга, кавгата во конфликт, а конфликтот во војна. А проблемот, наместо да биде решен, да роди нов, поголем проблем“, вели режисерот на „Чудесна терапија“.
Оваа претстава се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска. При тоа, безусловно е свесна дека во комуникациската еволуција, човештвото има уште многу етапи што треба да ги совлада.
Авторот на текстот, Даниел Глатауер (1960), е австриски писател и поранешен новинар, најпознат по епистоларниот роман „Виртуелна љубов“. Книжевните дела му се преведени на 40-ина јазици, а некои од нив се адаптирани за театар и за радио и ТВ-драми и надвор од германското јазично подрачје.
Претставата „Чудесна терапија“ во целост е подготвена со средства донирани од приватно лице.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Завршната конференција во рамки на проектот: Одржлива синергија за зајакнување на колективното еко влијание

Дали и колку сме колективно еко свесни за зачувување на природата и кои проблеми беа …