Се одржа последната вечер на 65. Евровизија, а победата ја освои Италија со песната Zitti E Buoni во изведба на „Менескин“.
Кипар, Албанија, Израел, Белгија, Русија, Малта, Португалија, Србија, Велика Британија, Грција, Швајцарија, Исланд, Шпанија, Молдавија, Германија, Финска, Бугарија, Литванија, Украина, Франција, Азербејџан, Норвешка, Холандија, Италија, Шведска и Сан Марино се бореа за победа на Евровизија.
Италијанците ја однесоа победата со вкупно 524 поени. Од тоа, тие добија 318 поени од публиката. Французите завршија на второто, а Швајцарците на третото место. Исланд беше на четвртото место, а Украина на петтото место. Србија заврши на 15-то место и доби 82 поени од публиката.
И’ додека сите беа некако резервирани за време на соопштувањето на гласовите од жирито, кога почна соопштувањето на гласот на народот состојбата се промени. Додуша не премногу, но емоциите на изведувачите конечно дојдоа на виделина.
А, народот си го кажа својот збор – ако околу гласовите од страна на жирито и можеше да се прават некои комбинации (ќе ти дадам – ако ми дадеш) публиката е единствена и си го изгласа својот фаворит. Таа оваа година го избра рокенролот и како да порача дека сите кичови, маскенбали – типични за евровизиската сцена се минато а луѓето сакаат добра енергија и рокенрол.
И’, време беше!
Фото: Принтскрин/eurovision.tv
Г.Оџакова