(ВИДЕО + ФОТО) Од вечерва на МРТ стартува ТВ-серијата „Зоки Поки“ работена според најпознатата книга на Оливера Николова

Телевизиската серијата „Зоки Поки“ започнува со емитување денеска, понеделник, 4 мај, на Македонската радио-телевизија (МРТ). Серијата е работена според најпознатата лектира и книга на македонската писателка Оливера Николова.
Вкупно ќе се емитуваат десет епизоди од ТВ-серијата, секој понеделник и четврток во 20: 15 часот, а по емитувањето на МРТ, наредниот ден епизодите ќе бидат достапни и на веб-страницата зокипоки.мк и на официјалниот Јутјуб канал.
Главните ликови ги оживуваат: Матеј Настевски ја толкува улогата на Зоки Поки, Анастасија Аневска ја игра Лидија, Матео Матоски, односно Боки и Матеј Зимбаков го глуми Гоки.


Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, која ќе ја видиме во улогата на неговата баба.



Модерната екранизација на култната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на „Кино око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Главен продуцент е Роберт Насков.


Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска, а режисери на епизоди се и Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата ги пишуваа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.
Десетте епизоди од првата сезона обработуваат внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.


Серијата се снимаше лани во август и септември на повеќе локации во Скопје.
Директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф е Иван Бартлинг, костимите се на Жаклина Крстевска, композитор на музиката е Александар Пејовски, а на песните Александар Митевски. Монтажата е на Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Драган Алексов и Софија Самоиловска.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес се сеќаваме на нашиот фолк пејач Ѓоко Дончев

Ѓоко Дончев е роден на 2 мај 1949 година во Валандово. Тој беше истакнат македонски …