Ветар Параклет – Сaмостојна изложба на Димитрие Дурацовски

На 1 септември 2023 (петок), во 20 часот во Чифте амам, ќе биде поставена изложбата на дела од нашиот современ писател и сликар Димитрие Дурацовски насловена како Ветар Параклет. Изложбата ќе биде достапна за публиката до 21 септември 2023 година.

Димитрие Дурацовски, како сликар уметник, речиси четири децении не е претставен пред публиката, меѓутоа неговата особеност во ликовниот израз е предмет на анализа во повеќе студии и литература за теоријата на ликовната уметност.


Творештвото на Дурацовски може да се одбележи како метафизичко и во исто време концептуално и имајќи го предвид времето во кое што почнува да твори (1973) и кога неофицијално престанува со сликарството (1987), можеме недвосмислено да кажеме дека тој е творец претеча на современиот концептуален ликовен израз во Македонија.

Димитрие Дурацовски како автор е необична појава во современата македонска уметност, тој е осамен но интелектуално љубопитен творец кој живее и работи во Струга. Во стремежот да формира целосна визија за светот тој ги користи изразните средства и можности на сликарството, цртежот и пишаниот збор. Основната тема ја наоѓа во свртеноста и испитувањето на таинствените простори на човечкиот дух, каде неретко се допираат или бришат границите помеѓу реалното и фантастичното, можното и неможното, рациото и ирациото… Мислата е првата и внатрешно осмислувачка содржина на неговите дела, која на некој начин ги дообликува ликовните визии во нашата свест.


Реалната форма во неговите платна, решена како фигуративни композиции во класичен кулоарско-илузионистичи декор со крајно поедноставени кукловидни човечки форми и редуциран хроматизам го означува оностраното и недефинираното.
Неговите цртежи комбинирани со текстови, прибелешки, теоретски и литерарни разгледувања, упатуваат на користење на одредени елементи, методи и сознанија од надреализмот и психоанализата.

Останува впечатокот за недореченоста на македонската критика за овој автор, со чувство дека нешто се крие зад она што го гледаме и читаме во неговите дела. Тоа предчуствување и таинственост е можеби најзначајното во процесот на создавање, па така преку оваа изложба за прв пат во целост ќе биде презентирано пред македонската јавност.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на краткометражниот филм „Прошетка“

ТРИ ТОЧКИ Продукција со задоволство ве поканува на премиерата на краткометражниот филм „Прошетка“ во режија …