СО ДОДЕЛУВАЊЕТО НА НАГРАДИТЕ И ПРВИТЕ ФФФ ДИЈАЛОЗИ СО РЕЖИСЕРКАТА ПЕЛИН ЕСМЕР И ПРОФЕСОРОТ СЕРДАР ОЗТУРК ОД ТУРЦИЈА ЗАВРШУВА 12. ФИЛОЗОФСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

Вечерва (9 јуни, 20:30) во Летното кино „Мирно лето“ завршува 12. издание на Филозофскиот филмски фестивал. По 8 денови дружење со филмот и философијата, тимот на Фестивалот ќе ги соопшти добитниците на наградите „Златен був“ за најдобрите филмови според жирито и според публиката, како и специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ во краткометражната селекција.

This image has an empty alt attribute; its file name is nagradi-buv-1.jpg
Последната вечер е намената и за уште една проекција од Ревијалната програма: Филм-философија, со проекција на филмот „Нешто корисно“ (Something Useful, 2017) на познатата турска режисерка Пелин Есмер.
Лејла, адвокатка и поетеса, оди на средба со пријателите од средното училиште по долгогодишно игнорирање на поканите за вакви дружби. Во возот кон Измир Лејла ја запознава Канан, млада студентка по медицина, којашто сонува да стане актерка и покрај поинаквите желби на нејзиното семејство. Нивното познанство ќе ги одведе во интересно патешествие за важноста на сопствениот избор, за радоста и грижата во поврзувањето со нова личност во животот, но и за важноста на уметноста во тешките моменти од животот.


This image has an empty alt attribute; its file name is RP_SOMETHING_USEFUL_PFF2022-jpg.jpg
Помеѓу останатите, филмот ја доби наградата за најдобро сценарио на Меѓународниот филмски фестивал во Талин, наградите FIPRESCI на Филмскиот фестивал во Истанбул, а потоа и наградите за најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра актерка во Турција.

This image has an empty alt attribute; its file name is RP_PELIN_ESMER_PFF2022cSaraFarid-jpg.jpg
По филмот во Летното кино „Мирно лето“ ќе се одржат и првите ФФФ дијалози, нов сегмент во фестивалската програма којшто е конципиран да овозможи директна средба меѓу филмот и философијата, низ разговори (дијалози) на режисери и професори, истражувачи, филмолози или теоретичари на филмот. Вечерва, во овој сегмент ќе учествуваат режисерката Пелин Есмер (Pelin Esmer) и професорот Сердар Озтурк (Serdar Öztürk) од Турција. Публиката ќе има можност да го проследи дијалогот и дикретно да се вклучи во дискусијата со гостите присутни во Кинотеката.


Пелин Есмер е турска писателка и режисерка на играни и документарни филмови која има студирано социологија во Истанбул, а потоа целосно се посветува на филмската уметност. Есмер ја основа филмската компанија „Синефилм“ и од 2001 година ги снима нејзините независни филмови „Колекционер“, „Игра“, „10 до 11“, „Стражарска кула“, „Нешто корисно“ и „Кралицата Лир“ коишто се прикажувани на светски познатите фестивали: Сан Себастијан, Трибека, Торонто, Сараево, Ротердам, Талин итн. Во 2020 година MUBI Turkey и MUBI International ги претставија сите филмови на Есмер во Турција и во странство со ретроспективата насловена „Патување до срцето со Пелин Есмер“. Истата година, Истанбулскиот современ филмски музеј направи ретроспектива на филмовите на Есмер како дел од нивната серија „Средба со режисерите“.

This image has an empty alt attribute; its file name is Serdar_Ozturk_PFF-1-1-jpg.jpg
Сердар Озтурк е професор на Катедрата за радио, телевизија и филм на Факултетот за комуникации при Универзитетот Анкара Хаџи Бајрам Вели (АХБВ) во Анкара, Турција. Тој во 2016 година го иницира публикувањето на реномираното академско списание The Journal of SineFilozofi. Проф. Озтурк, исто така, е претседател на Здружението за филм и филозофија во Турција. Фокусот на истражувањето на Озтурк е главно интердисциплинарен. Има објавено повеќе статии и дела за културната историја на Турција и за социологијата и филозофијата на филмот, објавени во национални и во меѓународни списанија. Дел од неговите публикации коишто ја истражуваат врската меѓу филозофијата и филмот се: Кинофилозофија: Патувањето кон соништата на Куросава (2016), Вовед кон Кино Филозофија (2018), и неодамна ја уредува книгата Археологија на борбата во филмовите на Кен Лоуч (2021).


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Екран ви ги претставува хедлајнерите на Pinkpop 2024

Екран во неколку објави ќе се обиде да ви ги презентира најголемите музички имиња кои …