СЕРИЈА МАСТЕРКЛАСИ НА МИЛЧО МАНЧЕВСКИ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ ВО АРИЗОНА И ПРОЕКЦИИ НА „ПРЕД ДОЖДОТ”, „МАЈКИ” И „БИКИНИ МУН”

Најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски неделава е во фокусот на Државниот универзитет во Аризона, САД. Манчевски ќе одржи серија мастеркласи и предавање, а се прикажуваат и неговите филмови „Пред дождот”, „Мајки” и „Бикини Мун”.

Серијата мастеркласи се одржува во Новата американска филмска школа „Сидни Поатје”, а почна со анализата на „Бикини Мун”, неговиот американски филм од 2017 кој е лажен документарец за ветеранка од војната во Ирак и е снимен во Њујорк. Во серијата, меѓу другите, се и мастеркласите на кои Манчевски ќе ги прикаже неговите техники за работа со актери и концептот за кадар.


This image has an empty alt attribute; its file name is 3-2.jpg

Гостувањето на Универзитетот во Аризона ќе се заокружи со предавање во Центарот Меликијан.


Творештвото на Манчевски е дел од наставните програми на бројни универзитети во светот, како и тема на многу есеи и книги. Неговите дела се предмет на истражувања на бројни конференции, меѓу кои и оние посветени на „Пред дождот” на Универзитетот во Лајпциг и на „Прашина” на Европскиот универзитет во Фиренца.

Во богатиот академски ангажман на Манчевски се и професор на Универзитетот на Њујорк, предавач на универзитетите Кембриџ, Оксфорд, Браун, Јеил, Шангај, ВГИК во Москва, Филмската академија на Куба и многу други низ светот.


This image has an empty alt attribute; its file name is 2.jpg

Седмиот филм на Манчевски „Кајмак” имаше светска премиера на фестивалот во Токио во ноември 2022 година, лани беше најгледан филм во Македонија и се прикажа во кината низ 30 градови во земјава, што беше настан без преседан во македонската киноприкажувачка дејност последнава деценија. „Кајмак” од почетокот на годинава го продолжува животот по низа филмски фестивали во светот.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ОБЈАВЕНА ПРОГРАМАТА НА ЧЕТВРТИОТ СКОПСКИ ПОЕТСКИ ФЕСТИВАЛ

Четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи периодот 29 мај до 1 јуни …