Сеќавање: на денешен ден во 2011 година се збогувавме со нашиот познат флејтист Илија Зимбо

Илија Зимбо е роден на 10 октомври 1969 година во Охрид. Бил истакнат македонски солист, камерен музичар и прв флејтист во оркестарот на Македонската опера и балет.

Основното музичко образование го стекнал во Охрид, средното образование го продолжил во Скопје, а студирал на музичките академии во Скопје и во Љубљана, Словенија. Уште од најраната возраст победил на неколку државни натпревари во рамките на СФРЈ. По завршувањето на студиите се вработил како прв флејтист во оркестарот на Македонската опера и балет. Во текот на школувањето соработувал со некои познати професори, како: Рупел, Рампал, Марион, Превишиќ, Кесиќ, Арто и други.


Концертната биографија на Зимбо вклучува бројни настапи како солист, камерен музичар, но и настапи со оркестри во Македонија и Европа. Неговиот репертоар како солист вклучува богат репертоар кој ги опфаќа сите музички епохи, од барокот сè до современата музика. Реализирал и повеќе тонски и видеозаписи за Македонската радио-телевизија.

Зимбо настапувал во повеќе земји, како: Франција, Италија, Австрија, Романија, Словенија и Германија, а редовно имал настапи и на „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонската музика“ итн. Тој бил член на меѓународни жирија, а учествувал и на престижни натпревари за флејта во Европа. Во 2000 година победил на меѓународниот конкурс „Ровере доро“ во Италија. Зад него стоеле менаџреските куќи „Музика вива“ (Musica Viva) од Виена и Фондацијата „Кнез Алберт“ (Prince Albert) од Монако. Неговиот богат концертен репертоар вклучувал дела од разни епохи, од барокот до современата музика, а поради извонредната способност за експериментирање и поместување на границите на звучноста на флејтата, специјално за него компонирале повеќе македонски композитори, како: Томислав Зографски, Панде Шахов, Бранѓолица и Тома Манчев.


Починал во Скопје на 30 ноември 2011 година. Погребан е во неговиот роден град – Охрид.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на театарската претстава No Exit

Вечерва со почеток во 20:00 часот, во Домот на култура ,,Димитар Влахов” во Автокоманда, премиерно …