Сеќавање: На денешен ден почина последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки

Димитар Андонов Папрадишки е роден во 1859 годин во мијачкото село Папрадиште во непосредна близина на градот Велес. Тој бил последниот македонски зограф, а воедно и првиот македонски профан (нерелигиозен) сликар кој ги поставил темелите на западното сликарство во земјата. Познат е и како историски сликар и портретист. Бил син на истакнатиот градител, копаничар и иконописец Андон Китанов (1829-1914).

Во своето родно место, а потоа и во Велес, тој се стекнал со образование кое во тоа време било достапно и успешно завршил “четврто класно училиште”. Немајќи можност да продолжи со своето школување во Велес тој на многу рана возраст, на само 20 години, веќе бил самостоен во својата зографска работа приклучувајќи му се на татко му кај кого и ги стекнал првите уметнички искуства. Димитар Андонов Папрадишки потекнувал од семејство кое под принуда на Арнаутите се иселило од родното малореканско село Тресонче, и кое со генерации наназад го практикувало не само зографскиот занает туку биле и градители, каменоресци и резбари. Оттаму избраниот позив на Андонов бил очекуван.


Желбата на Андонов да го оформи своето образование му се остварила во 1882/83 година кога ја посетува Художествената-иконографска школа во Киев, во класата на професорот А. Вишневски, и која со успех ја завршува. Во 1887 година му се пружила можност да продолжи да студира на престижната Московска академија каде тој по сугестиите на својот професор Вишневски се претставил на конкурсната изложба во Духовната академија во Москва со свое дело – икона во византиски стил. Иконата го освоила сребрениот медал на конкурсот со што Андонов се здобил со парична награда од 1000 рубљи и воедно бил примен на редовно школување со стипендија. Судбината овој пат не му била докрај наклонета и тој по едно известие дека целото село и неговото семејство биле потполно ограбени од страна на Арнаутите, се враќа во Македонија за да му помогне на своето многубројно семејство. Андонов веќе не се враќа назад да се дошколува, но веднаш се вклучува во зографските работи на татко му на црквите во Гевгелиско и Дојранско. Неговиот сликарски талент дошол до израз, и тој набргу, веќе бил самостоен во изработка на делата преземајќи ги работите кој му ги препуштил татко му, увидувајќи дека синот го надминал во неговата работа.

Неговиот ран и долг творечки пат бил длабоко проткаен и обележан со неизвесната и трагична судбина на Македонија. Задоен со револуционерните идеи за ослободување на Македонија, подоцна како истомисленик и соработник на Гоце Делчев кого го запознавал во 1896 год во Штипско Ново Село, каде обајцата биле ангажирани професионално: едниот како уметник другиот како учител, тој повеќепати бил прогонуван и затворан. Веќе во 1878 година бил окован во затворот во Дојран каде бил наклеветен од страна на гркоманите за неговата просветителска активност да не се употребува грчкиот, на сметка на словенскиот јазик кај македонското население. Во 1905/1906 година за своите револуционерни активности Андонов заедно со други видни штипјани бил осуден со доживотна пресуда и затворен во Куршумли-ан во Скопје. Благодарејќи на интеренцијата на австрискиот конзул, по 9 месеци бил ослободен. Во 1913 година тој повторно бил затворен но овој пат од страна на српската власт во Велес а потоа бил префрлен во затворот на Косовска Митровица. По поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор тој бил пуштен на слобода.


По завршување на првата светска војна во 1919 година Андонов трајно се преселува во Скопје каде во стариот дел на градот отвора свое студио за работа. Кај него ги стекнале своите први ликовни сознанија уметниците Никола Мартиновски и Томе Владимирски. Културниот амбиент во Скопје на Андонов му пружа услови во кои тој успешно ќе се реализира не само во религиозното, туку и во профаното сликарство. Разноврстен и плоден во своето творештво, тој ќе доживее своја јавна афирмација преку изложбите организирани од страна на друштвото Јефимија и ќе учествува во низа заеднички изложби со зачетниците на модерната македонска уметност. Во 1940 година,. градскиот совет му доделува награда за неговата долгогодишна креативна работа и конечно во 1946 година државата го згрижува својот уметник, прогласувајќи го за номинален член на Националниот музеј во Скопје.

Починал на 4 јануари 1954 година на 95 годишна возраст во Скопје.


Сестраниот ангажман на Андонов и желбата да внесе аспекти од битовиот реализам, го донело македонското сликарство пред вратите на современиот начин на изразување. Профаното сликарство на Андонов се одликува претежно со изработка на голем број на портрети на јавни личности во кои тој се обидува освен ралниот момент да го вклучи и ликовно-естетскиот проблем (Детскиот портрет на Анѓелко Андонов – 1900/1901., портрет на Параскева Кранго – 1925/1926, Автопортрет – 1932, итн.). Во подоцнежната етапа од опусот на Андонов тој практикува и композиции со историска тематика (Смртта на Гоце Делчев, Богомилски поход итн.) но и битови теми (Селска свадба, Нишалка, Оро итн.). Иако делата се без поголеми ликовни прентензии сепак тие претставуваат една значајна нишка која недостасуваше во македонската национална уметност како премостувач на празнината помеѓу доцниот традиционализам и новиот дух на ликовната уметност во Македонија.

Димитар Андонов Папрадишки, во својот долг и плоден творечки живот насликал повеќе од 1200 икони за околу 100-тина цркви во Македонија и Србија, со што се смета за еден од најпродуктивните наши зографи. Воедно, неговиот ангажман и во профаното сликарство го издига на пидесталот како последен македонски зограф и прв современ сликар во поновата македонска уметност.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Хороскоп за утре за сите хороскопски знаци: Прочитајте што не советуваат ѕвездите за утре 03.05.2024 во врска со работата, љубовта и здравјето

Овен Работа: Ефикасниот и работно мотивиран Овен крајот на првата работна недела го дочекува задоволни …