Разговор со Јулијана Величковска во Градската библиотека во Скопје

Утре (вторник, 7 март) во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе се одржи разговор со Јулијана Величковскаавторката на романот „Годишни времиња“- книга за месец март во библиотеката.Настанот ќе се одржи во спомен-собата „Т’га за југ“ со почеток од 19 часот, а е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“.
„Годишни времиња“ е кусо, но интензивно патување низ времето низ седумдесетина приказни од секојдневието, низ само навидум едноставни и банални нешта. Раскажувањето е едноставно, разбирливо, на одредени места прозата поминува во поезија, па и во музика. Јазикот е едноставен, секојдневен што го прави „Годишни времиња“ разбирлив за сите генерации.
Ова е прв роман на Величковска, објавен во 2014 година и досега доживеа четири изданија. Во 2017 година беше објавен и на бугарски јазик во превод на Поли Муканова од страна на издавачот „Ерго“ од Софија.
Јулијана Величковска е писател, уредник, организатор на поетски фестивали и преведувач.Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, коосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор на „Поетска ноќ во Велестово“, Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Автор е на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ); стихозбирките „Комарци“ (2010, ПНВ) и „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации); романот „Годишни времиња“ (2014; 2015; 2017, ПНВ Публикации), и на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев, (2022, ПНВ Публикации), како и на повеќе од дваесет и пет книжевни преводи од англиски, од руски, од хрватски и од црногорски јазик.
Нејзините песни се препеани и објавени на дваесетина светски јазици. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија и странство, како и во три антологии на куси раскази, објавени во Македонија.
Во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“ романот „Годишни времиња “ ќе биде тема и на Клубот на читатели предвиден за 25 март.
Разговорот со Величковска ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерката Ива Милчова.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на краткометражниот филм „Прошетка“

ТРИ ТОЧКИ Продукција со задоволство ве поканува на премиерата на краткометражниот филм „Прошетка“ во режија …