Промоција на стихозбирката „Номадски затвори“ од Ивана Јовановска

Четврток, 5.10.2023 година, од 20:00 часот во кафе-книжерница „Буква“ ќе биде промовирана стихозбирката „Номадски затвори“ од Ивана Јовановска. Промотор: Јулијана Величковска, а стихови ќе чита: Андреј Ал-Асади.

„Номадски затвори“ на Ивана Јовановска е емотивна имплозија. Поезија, небаре падната трепка што чека најнежниот здив на ветрот да ја однесе далеку, сосе трепетот. Пишувана во мигот на нишањето по најтенката можна линија помеѓу сонот и јавето, помеѓу животот и смртта, помеѓу љубовта и заборавот… онаму каде што најдалечните точки на земјата и најдолгиот пат до себе се среќаваат. Ова е книга за растењето, за созревањето, за себепронаоѓањето додека се огледуваме во другиот, додека се огледуваме во сите парченца скршени внатрешни огледала. Мноштво слоеви и виорни патеки до себе, до центарот, до ново јадрено соединување ‒ Јулијана Величковска.


Ивана Јовановска е поетеса на уморот. Таа е првиот нецвет што гледајќи ги цвеќињата во вазните, здогледала колку се уморни: „зелени вазни за надеж полни со уморни цветови“. Вазни за надеж, вели таа, со цветови уморни од нивната самопожртвуваност во служба на нашата надеж.

Ивана Јовановска (1998, Скопје) студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ — Скопје. Авторка е на стихозбирката „На ракавот на градот“ (2021, ПНВ Публикации). Учествувала на Поетска ноќ во Велестово, на „Отскочна даска“ во рамки на Скопскиот поетски фестивал, на Струшките вечери на поезијата и на повеќе поетски читања во Скопје, како: „Астални проекции“, феминистичкиот фестивал „Прво па женско 6“, поетските читања во Социјалниот центар „Дуња“, како и на интернационалниот поетски фестивал „Лезеленц“ (LeseLenz) во Хаусах, Германија.


Нејзини песни се застапени во „Ново раѓање на зборот: антологија на младата македонска поезија“, приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски (2023, ПНВ Публикации) и во „Самодиви: панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес“, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска (2023, Поетска ноќ во Велестово).

 


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Најдете рамнотежа – Одредена храна може да предизвика забрзано стареење, намалете го внесот на овие намирници

Храната што ја консумираме секојдневно игра важна улога во нашето тело, а некои од нив …