ПРОМОЦИЈА НА КНИГАТА „ТРАУМА И ТЕАТАР: ГОРАН СТЕФАНОВСКИ” ОД МИШЕЛ ПАВЛОВСКИ

29 ноември 2023 година, 10 часот
Салон Империјал 2
Културно информативниот центар – Скопје, има особена чест и задоволство да ве покани на промоција на книгата „Траума и театар: Горан Стефановски” од Мишел Павловски на ден 29.11.2023 година со почеток во 10:00 часот во Салон Империјал 2
Книгата ќе ја промовираат Емил Ниами и Мишел Павловски
Мишел Павловски е редовен професор по културолошки студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје. Неговото поле на истражување вклучува културолошки студии, студии за медиумите и студии за театарот. Раководител и главен истражувач во проектот „Македонската литературна дата база”. Главен и одговорен уредник на меѓународното научно списание „Спектар”(2010-2012). Еден од оснивачите и член на Редакцијата на меѓународното научно списание Култура/Culture. Коуредник на книгата Креативни економии: Нови знаења за нови иницијативи (2014). Ги има објавено следните трудови: Од првична идеја до држава (заедно со Јован Павловски, 1993), Македонија: вчера и денес (заедно со Јован Павловски, 1996), Чиста игра: биомеханиката во режисерскиот систем на В. Е. Мејерхољд (1998), Театарот и митот (2005) и Тесписовите светови (2014). Член на Друштвото на писателите на Македонија. Член на претседателството на ДПМ и негов секретар за внатрешни активности. Мишел Павловски е добитник на наградата „Мито Хаџи Василев-Јасмин” за книгата Македонија: вчера и денес (заедно со Јован Павловски, 1997) и колективната награда за наука „Гоце Делчев” за проектот „Театарот на македонска почва” (2003).
Книгата „ Траума и театар:Горан Стефановски” на проф. д-р Мишел Павловски се бави со три исклучително значајни теми: културната траума, идентитетите и со театарот на големиот македонски драмски автор Горан Стефановски. Имено – со театарот на Стефановски, бидејќи Мишел Павловски не го анализира и не го обработува само драмскиот текст на Стефановски туку драмите ги разгледува во нивата севкупност со театарската претстава. Ова е една важна карактеристика на трудот на Павловски: театролошкиот пристап во обработката на темата. Втората значајна карактеристика на ракописот на Мишел Павловски е културолошкиот пристап кој е присутен низ целиот ракопис и кој му дава белег на ова дело. На тој начин, комбинирајќи ги теоретските и методолошките премиси на културологијата и театрологијата, Мишел Павловски создава оригинално, сериозно и пред сè и над сè квалитетно дело кое се базира на цврсти и современи теоретски основи.
Натаму, треба да се одбележи уште еден теоретски дискурс кој Павловски го користи: прашањата на траумата и на културната траума, кој во светската теоретска мисла е многу актуелен последниве години.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Вело Родео денес во Градскиот Парк во Скопје

Денес со почеток во 10:00 часот во Градскиот парк – Школка во Скопје, ќе се …