Промоција на книгата „Последната мисла во универзумот“ од Валентин Нешовски

Утре, 1 ноември 2023 година во барот Глуво Куче со почеток од 19:30 часот, ќе се одржи промоцијата на романот „Последната мисла во универзумот“ од Валентин Нешовски.

Промотори ќе бидат Бранко Тричковски и Тони Поповски, а ќе настапува и музичката група Witche’s brew.


Оние што ја прочитаа оваа книга помислија дека е напишана од вештачката интелигенција или, пак, зборовите излегле од авторот под благо дејство на халуциногени супстанции. Но, не е така. Во раскошна и возбудлива приказна за авантурите на главниот јунак Дон и неговите двајца придружници, тие ќе излезат од оваа Вселена и ќе се вратат назад. Дејството се протега низ 3 000 години во иднината, а приказната се движи наназад.

„Во класичен роман сместена е неверојатна испреплетеност на импозантни знаења од астрофизиката, еволуцијата, политиката, техниката и технологијата, роботиката, вештачката интелигенција, физиката на малите честички и на универзумот.
Текстот е иритација и стимулација, на моменти шлаканица, на моменти охрабрување за човекот, неговата цивилизација и правецот во кој се развива тој и неговиот универзум, личен и вселенски. Жанровски, стилски и тематски ова е единствен текст. Во новелата човекот има околу 600 години да најде решение за брзината со која се шири вселената и која поради тоа што таа е поголема од брзината на светлината, ќе произведе тотален мрак. И човекот не успеал“, ќе напише еден од промоторите. И плус ќе додаде – „ова е модерно актуелно современо четиво што сигурно би одекнало добро во европската културна јавност“. (Бранко Тричковски)


А другиот промотор, за книгата вели: „Иако насловот на овој роман е песимистички, последната мисла, смртта и апокалипсата сепак ни овозможуваат да ја осознаеме надежта, поради сопствениот спиритус мовенс, нагон кој последен умира. Со еден ваков филозофски концепт, Нешовски на нас, читателите, со намера или без намера, сепак ни нуди утеха, а утехата е можеби и најдефицитарната емоција во нашево секојдневие.“(Тони Поповски)

Иако Нешовски го убива целото човештво во 4 504 година, читателот ќе насети една цреша надеж. Впрочем, оваа книга е втората во очекуваната трилогија.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Завршен концерт на одделот за жичани инструменти на учениците при ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј”

Денес со почеток во 19:00 часот во концертната сала на ДМБУЦ ќе може да го …