Промоција на книгата „Патот на водата“ од Гордана Каракашевска во Градската библиотека во Скопје

Скопје, 11 декември – Утре (вторник, 12 декември) во 19 часот во спомен-собата „Т’га за југ“ ќе биде промовирана книгата „Патот на водата“ од Гордана Каракашевска. Стихозбирката е во издание на „Современост“, а пред публиката за неа ќе говори Вања Таневски.

„Патот на водата“ е стихозбирка посветена на водата како симбол на прапочетокот, на животот и на универзумот, а мотивски лоцирана на бреговите на Охридското Езеро и Црн Дрим.


-Оваа поезија, самобитна и зачудувачка, со посебен култ кон водата, е плод на еден интимен допир со природата, на едно, речиси анимистичко и пантеистичко поимање, па оттука и елементот на водата ќе биде доминантна компонента во неа, ќе запише рецензентот Вања Таневски.

Гордана Каракашевска е родена во 1973 година во Пехчево, каде што го завршува и основното образование, а подоцна образованието го продолжила во Скопје. Од најмала возраст покажува склоност кон уметноста, особено сликарството и литературата. Неколку години живеела и работела во Торино, Италија што остава длабока трага врз нејзината креативност. Од 2001 година е активен учесник на бројни домашни и меѓународни натпревари со забележителни резултати. Пишува песни и раскази на македонски, италијански, српски и англиски јазик. Авторка е на поетските книги: „Скршен поет и други поеми“ (2021), „Куќа од хартија“ (2022), збирката раскази „Сињор Џордано и размислувањата за сомневањата, дилемите и прашањата за некои други, ситни зрнца“ (раскази 2021) и на романот „Разголување во година на козата“ (2021). Добитник е на неколку награди и признанија и застапена е во повеќе интернационални поетски зборики.


Каракашевска учествувала на бројни фестивали и поетски читања, а имала и неколку самостојни и групни изложби во Италија. Во март 2013 во МКЦ ја имаше и својата прва изложба на црно-бели фотографии.

Промоцијата на книгата „Патот на водата“ е дел од богатата културна програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ОБЈАВЕНА ПРОГРАМАТА НА ЧЕТВРТИОТ СКОПСКИ ПОЕТСКИ ФЕСТИВАЛ

Четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи периодот 29 мај до 1 јуни …