Министерката за култура Стефоска во Гевгелија

Министерката Ирена Стефоска денеска ги посети институциите од областа на културата во Гевгелија како и археолошките локалитети Вардарски рид и  Стоби. На средбата со гевгелискиот градоначалник  Сашо Поцков, Стефоска разговараше за поголемо учество на локалната самоуправа во културата, која сега е лимитирана заради пандемијата. Заедно беа во Домот на културата во Гевгелија, каде со директорката Весна Ристова, разговараа за тековните активности и реализацијата на програмата во услови на ковид криза како и за потребата за акустично опремување на театарот.


Националната установа Музеј Гевгелија, во кој е сместен богат движен археолошки материјал пронајден за време на повеќегодишните истражувања на локалитетот Вардарски рид, поседува околу 11 илјади предмети од првиот милениум пр.н.е.

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Директорот Бобан Хусеновски со министерката разговараа за тековните проблеми со кои се соочува институцијата, меѓу кои и немањето на изложбен простор за богатиот музејски фонд, како и за иницијативата за изградба на нова музејска зграда покрај археолошкиот локалитет Вардарски рид со можност да се трансформира во Археолошки парк. Посетувајќи гo археолошкиот локалитет Вардарски рид,  министерката Стефоска  имаше увид и во конзервацијата на  дел од објектите.


Министерката за култура Ирена Стефоска денеска ја посети и Националната установа Археолошки локалитет Стоби. За време на посетата на локалитетот Стоби, кој е еден од најзначајните споменици на културата од римската и од доцноантичката епоха на овие простори, директорот Спасе Перовски ја информираше министерката Стефоска за тековните проекти кои, со поддршка од Министерството за култура, ќе се реализираат до крајот на годинава.


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ОБЈАВЕНА ПРОГРАМАТА НА ЧЕТВРТИОТ СКОПСКИ ПОЕТСКИ ФЕСТИВАЛ

Четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи периодот 29 мај до 1 јуни …