„Македонска дискографија – Винили“:Ново капитално дело од Тошо Филиповски

Додека го подготвува и вториот том, Филиповски уште лани го најави и следното капитално дело – првиот том од „Македонска дискографија: Винили (1958-2019)“, чија промоција се очекува следниот месец.

По повеќе од шест години истражувачка работа, музичкиот новинар Тошо Филиповскиво мај минатата година го промовираше првиот том од капиталното дело „Македонска рок енциклопедија“ , издание од 400 страници, со 333 македонски музички состави, со 2.000 споменати музичари и околу 400 црно-бели фотографии, како и автори од периодот од 1963 до 2018 година кои создавале на тлото на Македонија, а со тоа активно дејствувале во креирање и развој на сцената.


Додека го подготвува и вториот том, Филиповски уште лани го најави и следното капитално дело – првиот том од „Македонска дискографија: Винили (1958-2019)“, чија промоција се очекува следниот месец.

„Пријатели, поддржувачи, музичари, почитувачи на сопствената музичка историја, чувари на културното богатство… ја очекувам вашата поддршка кон уште едно капитално дело: ’Македонска Дискографија – Винили (1958-2019), Прв Том’. Нова книга = премиерна опсервација на подзаборавени артефакти од богатата македонска дискографска историја!“, соопшти Филиповски.


„Комплетно се презентирани околу 230 винилни изданија (самостојни и заеднички), на македонски артисти и бендови. Дополнително посочувам и околу 70 винилни изданија (компилации) на кои се застапени теми/песни/траки на македонски артисти и бендови. Единствена можност да уживате во повеќе од 1.500 фотографии во боја (комплетни обвивки на погоре споменатите грамофонски плочи (винили)), но и многу информации за самите изданија – еден дел официјални, но и голем дел од нив досега непознати за јавноста. Жанровски, монографијата ги претставува винилните изданија со рок, џез, блуз, електроника, хип-хоп, светска музика, поп-рок, панк, хеви-метал, реге, ска, фанк, соул и тн., музика која ја создаваат македонски музичари и бендови“,појасни тој, порачувајќи дека веќе се примаат и нарачки за претпродажба, по цена од 2.500 денари за Македонија и 40 евра плус поштарина за странство.


Книгата е во А4 формат, со тврд повез со обвивка, колор принт на речиси 450 страници.


„Единствено во претпродажба, ќе можат да се добијат и одредени поволности/подароци кои ќе ги нема во редовната продажба. 250 примероци ќе бидат своерачно нумерирани и потпишани (по ваше барање и со посвета), и како подарок ќе следува вообичаената налепница, но и потполно НОВ компилациски ЛП (грамофонска плоча) – ’Колку гласно морам да викнам за да ме чујат?’ – со 12 ангажирани теми од исто толку македонски актуелни бендови“, појасни тој.

Исто така, достапен е и специјален пакет од „Македонската рок-енциклопедијата“ и „Македонската дискографија“ (двете нумерирани, потпишани и со посвета), со бонус-цеде „Историја на македонскиот панк“ (History of Macedonian Punk/HC Part 1 1979-2001), ЛП „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат“ и налепници, сето тоа по цена од 4.000 денари плус поштарина.

За купување на 5 или повеќе примероци од монографијата или 3 или повеќе „специјални пакети“, вашето име и презиме ќе бидат запишани во книгата – како ДОНАТОР.

Монографијата „Македонска дискографија: Винили (1963-2019), прв том“ ќе биде отпечатена во месец мај 2019 година, а официјалниот датум на издавање во книжарниците и точното место на промоцијата ќе бидат соопштени околу 1 мај. Издавач и овој пат е „Корпус деликти рекордс“, а тиражот ќе биде во 1.000 примероци.

„Време е за уште едно капитално дело, од планираните десетина книги со сличен габарит, кое како крајна цел го има документирањето на што е можно поголем дел од македонската музичка историја!“, заклучи Тошо Филиповски.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на краткометражниот филм „Прошетка“

ТРИ ТОЧКИ Продукција со задоволство ве поканува на премиерата на краткометражниот филм „Прошетка“ во режија …