КУЛТУРАТА СЕ ВРАТИ ВО ПРИЛЕП: Синоќа беше отворена првата ликовна изложба од почетокот на пандемијата: „Визии од детството“ на Горан Боев

Ова е прва изложба и културен настан во Прилеп по околу пет месеци од почетокот на пандемијата. Ова всушност ги отвори културните институции и ги најави културните настани во време на пандемија.
Со мерење температура, најмногу по 15 посетители на растојание синоќа беше отворена изложбата на дела, насловена „Визии од детството на уметникот Горан Боев.

Уметникот среќен што може делата да се видат „во живо”. Кога е детството во прашање, инспирацијата е голема. Вели, секако дека пандемијата влијае многу, воопшто, на уметноста.


– Поголемиот број дела се од циклусот како што изложбата го носи насловот – визии од детството. Пораката колку е моја, толку и на повеќе уметници кои често ја користеле-враќањето во детството кое секогаш е инспирација. Сè е низ призмата на детските очи, зашто детето е искрено, а ние колку старееме сме повеќе оптоварени. Оваа пандемија секако влијае и на уметноста. Но треба и мора да се твори. Тоа е што е, се адаптираме на тоа што се случува, рече Боев.

Публиката среќна дека може да проследи уметнички чин и творештво. Владимир Темков, уметник вели дека ова ни недостасуваше. Друго е да се види „во живо”


– Ова ни недостасуваше. Секако, со запазување на сите протоколи и заштита на здравјето, но ни треба да ја почувствуваме уметноста „во живо. Досега имаше бројни „онлајн” изложби, ама поинаку се чувствува уметноста кога се гледа во делото „во живо”, вели Темков.


Според Рубин Белчески, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков” ќе се редуцираат настаните планирани годинава. Ќе се преполоват изложбите од планираните 20-ина, ќе нема настап на фолклорни групи, ама ќе има концерти на сериозна музика.

– Од една страна загубивме време овие месеци. Во секој случај, културните настани ќе бидат редуцирани. На пример не може да има настап на фолклорни групи оти не ќе може да се одржува дистанца. Повеќето настани ќе бидат на отворено што е една од мерките за заштита, вели Белчески.

Сè уште нема протоколи за фестивалите, иако првично се презакажани. На пример Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски” за крајот на август, а јубилејниот, 55 македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински” засега е презакажан за крајот на септември, но сè уште е неизвесно.
Боев ќе се претстави со над 25 слики на кои се појавуваат различни фигури – мачка, куче, прозорец, цвеќе, дете…
-Тоа е портрет на едно минато време, портрет на моето детство. Што се однесува до техниката и ракописот, не се заложувам секоја слика да ми помине низ ист сликарски третман. Некогаш сликам со наслаги од боја, некогаш лазурно. Некогаш цртежот е изразен и експресивен, некогаш суптилен и геометриски. Некогаш е комбинација на се‘ во се‘. Не се грижам премногу за стилот но тоа не значи дека оставам се‘ на случајноста – вели авторот…Една деценија се обидувам во сликарството да допрам до она што е суштинско, искрено, чисто, благопријатно и неосквернето. Таа моја потрага ме наведе да се навратам во детските денови и да пробам повторно да размислувам како дете. За жал, како созреваме, негативните искуства и примери на кои наидуваме, наместо да се поучиме од нив и ги отфрлиме како такви, ние ги прифаќаме со раширени раце и од нив правиме своевиден образец, упатство за понатаму. Со тоа предизвикуваме, како во секојдневниот живот, така и во уметноста, изместување на правилната перцепција за вистинските вредности, вистинската убавина на нештата. Но, тоа не е случај со детските очи, детскиот поглед на светот. Затоа во моето творештво посегнувам по мотиви од детството и се трудам да гледам како дете. Детето гледа многу појасно од возрасните, неговиот поглед не е заматен од секојдневни грижи и непреболена суета – објаснува Боев.
За авторот
Горан Боев е роден на 01. 11. 1982 година во Кавадарци. Факултет за ликовна уметност (ФЛУ) и магистерски студии завршува во Скопје. Извесно време работи во високо и средно образование а моментално е наставник по ликовно образование во основно училиште. Се занимава и со црковен живопис и иконографија. До сега има реализирано над десеттина изложби во земјата и учествувано на многу групни изложби во земјата и странство.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денес се сеќаваме на нашиот познат актер Данчо Чевревски

Данчо Чевревски е роден во Скопје на 17 мај 1951 година. Тој беше познат македонски …