„Креации од ноќта – уметност инспирирана од соништата“ – изложба на дела од уметници, членови на ДЛУП

Изложбата насловена како „Креации од ноќта – уметност инспирирана од соништата“ ќе биде отворена во петок на 1ви септември 2023 година од 19.30 часот во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ова е тематска изложба на дела од 15 уметници, членови на ДЛУП.

Низ вековите, научните и уметничките милјеа изразувале силен интерес за состојбата на сонување и таинственоста на сонот. Многубројни уметници, меѓу кои: Хиеронимус Бош, Франциско де Гоја, Вилијам Блејк, Џорџо де Кирико, Хуан Миро, Рене Магрит и Салвадор Дали, ја пронашле личната творечка инспирација во соновите и различните состојби на свеста. За нив, суштинското разбирање и интерпретирање на сонот преку визуелниот ликовен јазик претставува неодминлив и возбудлив предизвик. На тој начин, тие создале автентична и препознатлива сликарска иконографија. Предводниците на уметничките правци – дадаизам, магиски реализам и надреализам, извршиле големо влијание врз модерната светска и домашна уметничка сцена.


Во творештвото на претставниците на магискиот реализам (Анри Русо, Џорџо де Кирико и Карло Кара) основен предмет на интерес е фантастиката и метафизиката. Додека пак, предводниците на надреализмот (особено Рене Магрит и Салвадор Дали) во своето творештво ги применуваат најновите научни сознанија од областа на психоанализата (Фројд и Јунг) и ја проучуваат функцијата на сонот. Симболиката на сонот служела за одгатнување на психичката активност на потсвеста и начинот на којашто влијаела врз однесувањето на поединецот во секојдневието.

Овие уметнички правци претставуваат особен предизвик и инспирација за група современи уметници, односно членови на ДЛУП Прилеп. Имајќи ги во предвид нивните основни концепти и принципи, уметниците/учесници во текот на проектната активност создадоа уметнички дела во зависност од сопствениот уметнички афинитет и со помош на разни техники и материјали – велат од ДЛУП


©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на краткометражниот филм „Прошетка“

ТРИ ТОЧКИ Продукција со задоволство ве поканува на премиерата на краткометражниот филм „Прошетка“ во режија …