Костадиновска-Стојчевска на дебатата „Еднаква, своја, успешна”: Ги охрабрувам младите преку културата да се спротивстават на дискриминацијата и нееднаквоста

Под мотото „Остави трага”, вчеравечер во Битола се одржа вториот мултимедијален настан во рамките на кампањата „Дојди – раскажи ја својата приказна!”, наменета, пред сè, за младите генерации. Во серијата настани и отворени разговори за споделување на личните искуства учествува и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. Тема на мултимедијалните настани на Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Советот на Европа и Институтот за добро владеење и евроатлантски перспективи, е „Еднаква, своја, успешна”.


Вчерашната панел-дискусија се одржа пред платото на еден од најзначајните културно-историски објекти, Официрскиот дом во Битола.

Министерката Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање ја раскажа личната приказна за реализацијата како ќерка, мајка, професорка, пратеничка и,  сега, министерка. 


– Целта е постигната бидејќи сум убедена дека моќните пораки што ги пренесовме јас и моите соговорници, инспирирани од нашите лични искуства и сведоштва, ќе им дадат поттик и мотив на нашите деца, на младите воопшто да се остварат во храбри и одлучни личности, кои ќе бидат активни чинители во современите општествени текови и достоинствено ќе се борат за еднаквост и рамноправност во заедницата. Кога зборуваме за родова еднаквост, се стремиме кон тоа, образовниот  систем да го приспособиме кон нови образовни содржини. Со правилно воспитување и школување, можеме понатаму да влијаеме преку културата, уметноста и образованието во креирање на свеста на секој поединец за еднаквост и подобар свет за сите – истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.

Министерката Костадиновска-Стојчевска истакна дека треба да бидеме позитивен пример за студентките и ученичките, тие да не бидат жртви на дискриминација, говор на омраза, и во ниедна сфера на дејствување да немаат бариери само затоа што се жени.   


Покрај министерката за култура, учествуваа и: министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска; професорката на УКЛО – Битола, Ангелина Стојановска; Маја Атанасовска од женската трка „Биди своја”;  Мартин Ангелов, сопственик на кафулето „Улаф”; Дарко Беровски, дигитална платформа „Спознавање”; Ана Јовковска, писателка и Марија Андреева, проектна раководителка во рамките на канцеларијата на Советот на Европа.

Како културно дополнување на настанот, восхит предизвикаа со својата изведба: музичката група „Шербет”, театарската претстава на „Интимен театар” и дел од студентите од ИБУ – Факултет за уметност и дизајн. Водител на настанот беше Огнен Јанески. 

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Премиера на краткометражниот филм „Прошетка“

ТРИ ТОЧКИ Продукција со задоволство ве поканува на премиерата на краткометражниот филм „Прошетка“ во режија …