Костадиновска-Стојчевска: 60 години „Галичка свадба”, шеесет години прослава на љубовта, традицијата и културата

Организаторите на традиционалната културна манифестација „Галичка свадба” денеска на прес-конференција ја претставија програмата на настанот, што ќе се одржи од 14 до 16 јули под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, и со поддршка од Министерството за култура. Галички младенци на 60. издание на „Галичка свадба” се Елисавета Булоска и Оливер Андреевски.


„Шеесет години традиција, шеесет години радост за враќање дома во родниот крај, шеесет години Галичка свадба – историскиот мост меѓу нашето минато и сегашност. Мост меѓу живата традиција и современоста. Галичка свадба е повеќе од обичен настан. Таа е вистинско патување низ времето, магичен момент кога се спојуваат генерациите и се пренесуваат обичаите што ги чуваме со голема почит. Ова е време кога се слават љубовта, семејството и заедницата”, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод претстојното одржување на традиционалната манифестација „Галичка свадба”.

Таа додаде дека и оваа година „Галичката свадба”, и галичките свадбени обичаи нема да бидат само момент на среќа, радост и веселба, туку и живо негување на обичаите, традицијата и заедништвото на нашите предци кои се пренесуваат од поколение на поколение.


Според Костадиновска-Стојчевска, на Петровден, писокот на зурлите и екот на тапаните ќе нѐ потсетат дека нашите традиции се живи и заштитени, а народот обединет околу своите културни вредности и обичаи.

„Секоја песна, секој танц, секоја шара на традиционалната облека, секој обред пренесува пораки за нашата историја, верувања и обичаи. Тоа се приказни што не смее да се загубат и да се заборават. Сево ова им нуди  можност на младите да се поврзат со своите корени, да ги споделат нашите обичаи со посетителите,  потврдувајќи колку сме горди на нашата култура и културни вредности”, рече министерката за култура.


Министерството за култура, како што истакна Костадиновска-Стојчевска, е силен поддржувач на Галичката свадба, но и промотор на Галичката свадба како културно наследство кое зборува за историјата и културата на македонскиот народ.

„Препознавајќи ги значењето на манифестацијата и на галичките свадбени обичаи на мијачкиот крај, а и на македонскиот народ воопшто, со Институтот за фолклор се работи на елаборат со кој за првпат оваа уникатна жива традиција ќе ја добие заслужената институционална заштита. На овој начин ќе се заштитат од заборав уникатните обичаи кои го претставуваат битот на македонскиот народ и се потсетник на едно друго време, начин на живот, ниво на култура и свест што не смее да се заборави”, подвлече министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска им пожела долг и спокоен живот на младенците, а граѓаните ги покани да дојдат во Галичник на, како што рече,  прославата на љубовта, традицијата и културата.

Инаку, традиционално, почетокот на годинашната „Галичка свадба” ќе биде означен в сабота, 15 јули, со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки” од куќата на зетот. Потоа ќе бидат изведени познатите свадбарски ритуали – „пречек на тапаните” и „свекрвино оро” – а ќе биде одиграно и „Тешкото” – оро кое го симболизира испраќањето и пречекот на печалбарите, што била честа појава во овие краеви. Утрото в недела, 16 јули, ќе го одбележат традиционалните свадбени обичаи, а венчавањето на младенците ќе се изврши во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле” во Галичник.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

ОБЈАВЕНА ПРОГРАМАТА НА ЧЕТВРТИОТ СКОПСКИ ПОЕТСКИ ФЕСТИВАЛ

Четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи периодот 29 мај до 1 јуни …