Интервју: Анастасија Центар – центар за изведувачки уметности, музика, танц и мода – Целта ќе биде исполнета тогаш кога ќе се вратат вистинските вредности на живеењето, а за тоа е потребно време и подигнување на колективната свест

Анастасија Центар е центар за изведувачки уметности, музика, танц и мода. Центар за креативци, таленти, сонувачи и остварувачи од сите возрасти, во градот на Конзулите – Битола. Датира од 1996та година како модно студио и студио за модерен балет ,,Анастасија”, оформено од модната дизајнерка и историчар на уметност, Анастасија Зулевска. Подоцна во 2017 та година, прераснува во креативен центар, кој вклучува музичка и танцова терапија за лица со попречености, Flow & Movement Concept на тренинзи, а дел од центарот е и музичката продукција “Welcome to Stefanija’s Music World”. Уметнички директор на центарот е дипл. музиколог по поп и џез музика, Стефанија Милевска Враниќ, која моментално посетува Магистерски студии на Филмската академија на УГД Штип, отсек методологија и педагогија на современ танц. Во моментов се актуелни со музичко-танцовиот перформанс „Имагинација“ кој наиде на одличен прием кај публиката. Големиот број на активности, професионалноста и посветеноста во работата не поттикнаа да поразговараме со нив и да ги запознаеме поблиску нашите читатели со Анастасија Центар.

– Анастасија центар како модно студио и студио за модерен балет е формирано во 1996 година. Што ве поттикна да направите еден ваков центар?


Уникатните и прогресивни модни ревии за тоа време, на креаторката Анастасија Зулевска, беа почетокот на студиото „Анастасија“, кое ѝ направи сценска основа на Стефанија Милевска Враниќ, која од 4 годишна возраст започна да се појавува на тие модни ревии, препознатлива како девојчето со долгата коса. Потребата од поинаков пристап кон детските музички фестивали, беше втората нишка која го активира и модерниот балет во ова студио. После дипломирањето на Стефанија на музичката академија во Софија со поп и џез пеење, се направи едно комплетирање на сите теми, во уникатен центар за изведувачки уметности, мода, музика и танц, кој се оформи во 2017 година во Битола.


– Што се нуди вашиот центар, колку членови брои, и кои се возрасни групи го посетуваат центарот?

Анастасија Центар нуди активности за деца, млади и возрасни без ограничување на возраст. Часови по модерен, џез и современ танц; пеење – соло и во вокална група; инструменти: гитара, пијано, ударни инструменти; музичка и танцова терапија за лица со попречености; манекенство; тренинг платформа за возрасни – Flow & Movement Concept Training; музичка и видео продукција Welcome to Stefanija’s Music World.
Во текот на сите овие 27 години, во центарот имаат израснато огромен број на деца и млади, кои најчесто по завршувањето на средното образование, за жал, ја напуштаат Битола. Од таа причина периодов, покрај децата, даваме фокус и на младите и возрасните кои моментално живеат во градот.


– За жал живееме во време на изгубени вредности, дали сметате дека преку културата и уметноста и нејзиното презентирање и практицирање од најрана возраст може да се повлијае да се вратат нормалните вредности во општеството?

Тоа е и целта на Анастасија Центар, да ги воспитува децата и младите, дека преку уметноста можат само да допрат вистински до својата душа, а на тој начин да ги зачуваат и вистинските вредности, кои би требало да се дел од нивното секојдневие. Со постојаната инклузија на лица со попречености во нашиот процес на работа истовремено се иницираат и на голема емпатија и се поттикнуваат на поголема самосвеснот. Не ни е баш лесно да ја пробиваме светлината во овие темни времиња на неморал и изгубени вредности, но веруваме дека постоиме со голема причина и сме благодарни што тој извор на љубов и позитивна енергија сеуште постои во нас, како надеж за подобро утре на новите генерации. Децата се клучот за новото време и со правилна нивна насока би опстоиле во ова невреме.

– Битола како конзулски и космополитски град отсекогаш бил центар на уметноста и културата. Како сте задоволни од културната понуда во градот и интересот кај младите за културни и уметнички активности?

Ние сме задоени со тој космополитизам и како конзулски град кој е колевка на културата, го има постојано тој извор на млади таленти. Но градот, како и целиот Балкан, моментално е под големо влијание на шундот и кичот, со што не сѐ остава голем простор за квалитетна уметност. Младите го имаат загубено интересот и потребата за култура, па затоа нашиот Центар чувствува огромна одговорност да работи точно на оваа тема.

– Покрај музика, мода и танц, нашето внимание го привлече музичката и танцова терапија за лица со попреченост. Од кога започнавте со работа со оваа категорија на деца и каков е интересот?

Бидејќи се што правиме во Центарот е направено со голема љубов и чувствителност, оваа тема потекнува од нашето семејно искуство, со член на фамилијата кој имаше церебрална парализа, брат на Стефанија, син на Анастасија. Тој директен контакт со оваа тема беше додатна причина Стефанија, во 2017 година, да ги спои музиката и танцот, како терапија за лицата со попречености. На оваа тема, постхумно на нејзниот брат, го издава и видео записот „Hey You, Listen!“, заедно со документарецот на оваа тема. Од тогаш постојано се вклучени лицата со попреченост во сите настани на Центарот, некои од нив имаат снимено дури и свои видео записи. Целта е да се истакнат нивните таленти и да се постигне чувство на еднаквост и емпатија кон овие лица.

– Последниот ваш проект музичко-танцовиот перформанс „Иновација“ наиде на одличен одзив кај публиката. Како дојдовте до идеjата да направите мјузикл и што го прави овој проект поразличен од останатите проекти што сте ги имале досега?

Минатата година по повод 25 години „Анастасија“, го направивме првиот мјузикл за деца со авторска музика „Исцелител“, во кој имаше исто така инклузија на лица со попречености и учесници од сите возрасти. Мјузиклот повикуваше секој поединец да се пронајде себе си, да го прави тоа што навистина го сака и да помага на другите, да работи на личната самосвест и да негува вистински вредности, тогаш тој би бил навистина среќен и би успеал да се излекува себе си. Секој за себе си е „Исцелител“.

Оваа година како негово надоврзување беше музичко – танцовиот перформанс „Иновација“ за млади и возрасни, по повод 4ти Ноември – Ослободувањето на Битола. Беше направена паралела на битолски животни приказни, на луѓе кои функционираат, творат и живеат во Битола, место кое е посебно на свој начин. Претставен беше светот на возрасните и на младите кои веќе преминуваат во светот на ворасните, а имаат безброј неодговорени прашања, за кои возрасните веќе го имаат одговорот, но ја загубиле смислата. Кога живееш во своето родно место, го правиш тоа што навистина го сакаш и имаш инспирација да твориш, да создаваш и да се радуваш на животот. На тој начин поврзан со својот корен, со својата душа, ти создаваш иновации. Иновации кои се рефлектираат надалеку и вибрираат додека не постигнат промени во денешното живеење.

И на двата настани кореографија, режија и музика потпишува Стефанија Милевска Враниќ, а костимите ги изработува Анастасија Зулевска.

Посебноста на овој настан беше тоа што креацијата, инспирацијата и создавањето беа пренесени низ секојдневните животни приказни на креаторите и уметниците, а иновацијата се создава токму во таа нематеријална кохезија на двата света, светот на возрасните и младите. Со овој перформанс се пренесе главната мисла со која функционира и твори Анастасија Центар.

– Дали организирате некој завршен настан или приредба каде што го презентирате она што е сработено?

Немаме стандардни завршни настани, затоа што работиме преку целата година, а перформанси, настани и натпревари се случуваат постојано. Карактеристично за нас е што работиме и во летниот период, затоа што сметаме дека тогаш децата се најслободни да креираат, создаваат и плодотворно да го трошат слободното време

– Што би издвоиле како најзначаен момент или настан во овие повеќе од 27 години постоење на Анастасија центарот?

Секој настан на „Анастасија“, од самите почетоци кога беа само модни ревии, па работата на фестивали, натпревари и перформанси, се карактеризира со посебни пораки. Секоја порака била соодветна за своето време. Моментот кога сите активности ќе се спојат во едно, односно во Центар за изведувачки уметности, е моментот кога го добивме вистинскиот печат кој понатаму ги прави карактеристични нашите перформанси, во кои постојано има симбиоза на музика, танц и мода.

– Дали сега, гледајќи од оваа временска дистанца сметате дека ја исполнивте целта која ви беше зацртана на почетоците кога го формиравте центарот?

Целта ќе биде исполнета тогаш кога ќе се вратат вистинските вредности на живеењето. А за тоа е потребно време и подигнување на колективната свест. Па затоа ние трудољубиво како и досега продолжуваме со создавање, креација, будење и едукација.

– Што подготвувате следно?

Следно до крајот на годинава се подготвува промоцијата на вториот музички албум на Стефанија – „Девојчето со долгата коса“, на која учествуваат танчерите заштитни лица на Центарот. Паралелно за новите песни сѐ снимаат и видео записи, во модните креации на Анастасија.
Учество на Интернационалниот танцов натпревар „Stage“ во Национална Опера и Балет – Скопје. Учество со новогодишен музичко-танцов перформанс на Битолската Зимска приказна.
Во текот на наредната година го организираме големиот танцов хепенинг „Танцувај – Без Предрасуди“, по повод Интернационалниот ден на танцот.
Ова се само дел од нашите подготовки периодов…

Ви посакуваме успех и продолжете и понатаму со својата благородна мисија.

Ви благодариме од срце и сѐ радуваме што сѐ сетивте на нас!

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Завршната конференција во рамки на проектот: Одржлива синергија за зајакнување на колективното еко влијание

Дали и колку сме колективно еко свесни за зачувување на природата и кои проблеми беа …