„Хармонија“ концерт на македонската филхармонија со маестро Мануел Хернандез – Силва и солистот Драган Ѓорѓевиќ

Во четврток, на 22 февруари 2024 година, во Македонската Филхармонија, со почеток во 20:00 часот, ќе се одржи концертот со наслов „Хармонија“.

Диригент:
Мануел Хернандез – Силва (Венецуела/Шпанија)


Солист:
Драган Ѓорѓевиќ – виолончело (Србија)

Програма:
Ф. Гулда: Концерт за виолончело и дувачки оркестар, оп. 129
Л. Бернштајн: Симфониски танци „Приказна од западната страна“
Џ. Гершвин: Симфониска поема „Американец во Париз“


Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „Јунгер Кунстлер“, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена. Диригирал на значајни интернационални фестивали, а често настапува како гостин-диригент со шпански и со други оркестри во Европа. Бил шеф-диригент на Оркестарот на Кордоба, на Филхармонијата во Малага, на симфонискиот оркестар „Навара“, и почесен шеф-диригент на оркестарот „Симон Боливар“ во Каракас, со кој интензивно работел повеќе од пет години. Диригирал со Виенскиот симфониски оркестар, Израелскиот симфониски оркестар, оркестарот на Радио Прага, симфонискиот оркестар на Биел, со оркестарот на Мулхаус, симфонискиот оркестар на Вупертал, Филхармонијата на Сеул, Филхармонијата на Буенос Аирес, Националниот оркестар на Венецуела, Симфонискиот оркестар на Чиле и со сите водечки оркестри во Шпанија. Како оперски диригент доби одлични критики за неговите изведби на „Волшебната флејта“ и „Така прават сите“ од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио“ и за „Боеми“, „Џани Скики“, „Тоска“ и „Мадам Батерфлај“ од Пучини. Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде посветено едуцира млади диригенти.

Критиката ќе каже дека Драган Ѓорѓевиќ е една од најоригиналните уметнички појави на неговата генерација. Тој е признат за амбасадор на српската школа за виолончело, основач е на ансамблот „Вива виолончело“, на фестивалот „Равенелиус“, ко-основач на квартетот „Рубикон“ и програмски директор на „Виолончело фест“ во Белград. Во музичкиот свет, Ѓорѓевиќ влегол на шест годишна возраст, свирејќи виолина во училиште за музички надарени деца во неговиот роден град Чуприја, а две години подоцна почнал да изучува виолончело. По студиите во Белград на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Сандра Белиќ, образованието го продолжил на Гилдхал школата за музика и драма во Лондон во класата на проф. Стефан Попов. По Лондон, Ѓорѓевиќ се запознал со корејскиот виолончелист Јанг Чанг Чо, кога продолжил да студира на Школата за музика во Есен, Германија. Уште како млад бил назначен да биде професор по виолончело на ФМУ во Белград, време кое го означил и како период да учи со славните виолончелисти како Миша Мајски, Тобијас Кун, Давид Такено итн. Добитник е на специјални награди на разни натпревари во Белград, а како солист настапувал во Велика Британија, Германија, Холандија, Шведска, САД, Русија, Белгија, Кина, Швајцарија, Франција, Норвешка, Јужна Кореја…, на истакнати меѓународни музички фестивали како Би-би-си Промс, „Георг Енеску“, „Охридско лето“, „Челисимо“, БЕМУС… Соработувал со уметници како Џулијан Рахлин, Итамар Голан, Емил Табаков, Клеменс Шулд, Немања Радуловиќ, Роман Симовиќ, Џон Адамс… Почнувајќи од 2011 година, на покана на славниот маестро Валери Гергиев, да свири како главен гостин виолончелист на Симфонискиот оркестар на театарот „Марински“, ја освоил наградата на Загрепски концертен менаџмент, му бил понуден и рецитал во новата концертна сала на „Марински“ во Санкт Петербург, како и деби со квартетот „Рубикон“ на Лондонскиот фестивал. И покрај тоа што е редовен професор по виолончело на ФМУ во Белград, одржува мастер класи во Кина, Шведска, Бугарија, Романија, Словенија… Свири на виолончело направено од Џејмс и Хенри Бенкс во 1797 година.


Билетите по цена од 500 денари можете да ги набавите онлајн на www.filharmonija.mk или на билетарницата во Филхармонија.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Пет работи можат да ви го продолжат животот и да ве направат среќни

Прашањето за среќата е една од најголемите задачи на секој поединец денес Среќата ја бараме …