Град Скопје: Аплицирајте за бесплатно чистење на оџак – Придонесете во борбата со аерозагадувањето!

Град Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот повик за доделување  субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот.

Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.  Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари.


Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 01.01.2020 година, a Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2020 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2020 година.

Повеќе информации за јавниот повик можете да добиете на следната интернет врска – https://skopje.gov.mk/media/4997/javen-povik-cistenje-odzaci-2020.pdf.


Целта на овој проект што Град Скопје го реализира континурано е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците.

Познато е дека опасноста од запуштени и неисчистени оџаци е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Препорачливо е оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.


За потсетување, Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018 и 2019 година, кога беа доделени вкупно 634 субвенции.

©EKRAN.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ЕКРАН.мк може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ЕКРАН или посебен договор, не е дозволено превземање, користење или реемитување на вестите, во спротивно ќе уследи фактурирање на име „плагијат“ во вредност од 20.000 денари.

Видете следно

Денеска се празнува Светиот пророк Исаија

Светиот пророк Исаија Овој голем пророк беше од царски род. Роден во Ерусалим од татко …